ЈАВНИОТ ДОЛГ НА САД СО НОВ РЕКОРД: Тие се во минус од 37 трилиони долари
Јавниот долг на САД продолжува да расте со невидено темпо и според најновите податоци од Министерството за финансии, на 22 август изнесувал дури 37,2 трилиони долари, што е за околу 52 милијарди повеќе од претходниот ден. За споредба, пред четири децении изнесувал „само“ 907 милијарди долари.
Трошоците за камата на долгот оваа фискална година сега ги надминуваат буџетите за Медикер и одбраната, што предизвикува сериозна загриженост кај економистите и кредитните агенции.
Предупредувања од економисти и агенции за рејтинг
Конгресната канцеларија за буџет (CBO) проценува дека долгот ќе порасне на 54 трилиони долари во следните десет години, првенствено поради стареењето на населението и зголемувањето на трошоците за здравствена заштита, со додадениот притисок од високите каматни стапки.
Агенциите за рејтинг веќе реагираа. Во 2023 година, „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на САД од ААА на АА+, додека „Мудис“ го намали рејтингот од Ааа на Аа1 во мај оваа година, предупредувајќи дека трошоците за камати ќе се зголемат од 9 отсто на дури 30 проценти од федералните приходи до 2035 година.
Политички дебати и раст на дефицитот
Администрациите на Доналд Трамп и Џо Бајден дополнително го зголемија дефицитот преку стимулативни пакети, од мерки за борба против последиците од пандемијата до инвестиции во инфраструктура. Само за време на мандатот на Бајден, беа одобрени 4,8 трилиони долари ново задолжување, додека за време на првиот мандат на Трамп, долгот се зголеми за околу 7,5 трилиони.
Економистите предупредуваат дека огромните трошоци за камати сè повеќе го јадат федералниот буџет и ги истиснуваат инвестициите во образованието, истражувањето и инфраструктурата.
„Америка е јасно на патот кон фискална неодржливост“, рече Маја Мекгинис, претседателка на Комитетот за одговорен буџет.
Според анкетата на Пју Центарот од 2023 година, 57 отсто од Американците веруваат дека намалувањето на буџетскиот дефицит треба да биде приоритет за претседателот и Конгресот, што е значително зголемување во споредба со 45 проценти анкетирани една година претходно.
Извор: Блиц.рс
