Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јавни државни претпријатија ќе ги санираат патиштата во Делчево и Крива Паланка оштетени од поплавите

Јавни државни претпријатија ќе ги санираат патиштата во Делчево и Крива Паланка оштетени од поплавите

Во интерес на граѓаните на Делчево и Крива Паланка, јавни државни претпријатија се вклучуваат во санација на улици и патишта оштетени од поплавите, соопштија од Владата по одржана 163-та седница. 

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за преземени активности во врска со прогласената кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, на подрачјата на Општина Делчево и Општина Крива Паланка и донесе Одлука за утврдување на  општинските патишта и улици, за коишто работите за рехабилитација и реконстуркција ќе ги вршат јавни државни претпријатија.

„Со Одлуката, како што е образложено од предлагачот, Министерството за транспорт и врски, практично се овозможува на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и на Јавното претпријатие за државни патишта – и покрај тоа што станува збор за општински улици и патишта, во интерес на граѓаните, да ги преземат сите потребни мерки и активности за санирање, заштита и реконструирање на улиците во општините Делчево и Крива Паланка. Oва е направено по доставено известување од Општината Крива Паланка, со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктура коишто се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти коишто се во надлежност на републиката, како и доставено известување од Општина Делчево, со листа на приоритети за улиците, атмосферските канализации, регулација на реките и мостот на река Брегалница“, велат од Владата. 

Владата ги задолжи Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта, во рок од 6 месеци, да достават Извештај за извршената рехабилитација и реконструкција на утврдените општински улици и патишта.

Невреме неодамна предизвика штети во двата града. 

Од Општината Делчево проценија дека поправката на раскопаните и распукани улици ќе чини еден милион евра.

Слично

Поврзани вести