„Јас не сум мојата дијагноза, јас сум уметник“: Роза слика со уста,, Филип е уметник од аутистичен спектар - Лица со попречност испратија порака за инклузија
Понекогаш најголемите животни лекции не доаѓаат од оние што го имаат најлесниот пат, туку од оние што секојдневно ги надминуваат препреките со храброст, упорност и љубов. Лицата со попреченост се доказ дека човечкиот потенцијал не се мери со физичките или интелектуалните ограничувања, туку со силата на духот, креативноста и желбата да се создава и придонесува. Тие често вложуваат многу повеќе труд за да ги остварат своите соништа, а резултатите од нивната работа се инспирација за сите нас.
Инклузијата не е само збор, туку вредност што гради поправедно и похумано општество. Прифаќањето на различностите значи препознавање на талентите, способностите и придонесот на секој човек, без предрасуди и бариери. Кога им даваме еднакви можности на лицата со попреченост, не им отвораме врати само ним – отвораме нови хоризонти за целата заедница.
Токму тоа го потврди и изложбата „Inclusive Art“, каде што преку повеќе од 80 уметнички дела беше испратена моќна порака дека уметноста нема граници. Со својот талент, посветеност и љубов кон творењето, овие извонредни уметници покажаа дека вистинската уметност произлегува од срцето и дека секоја различност може да биде извор на уникатна убавина. Нивните дела не се само слики, фотографии, графики и мозаици – тие се приказни за истрајност, храброст и верба во сопствените можности, вистински ремек-дела кои ги рушат стереотипите и нè потсетуваат дека човечкиот дух е безграничен.
Беа изложени уметнички дела на децата со Даунов синдром од Здружението Трисомија 21, Стоилко Стоичев фотограф со оштетен вид, Филип Циглењак Симоновски дете во аутистичен спектар, Тома Димовски уметник со церебрална парализа, Роза Мојсовска која црта со уста, Афредита Кики, чии животни приказни и уметнички изрази ги надминуваат стереотипите и отвораат нови перспективи за инклузијата, различноста и човечката креативност.
Роза Мојсовска својот талент за уметност почнала да го развива уште на седумгодишна возраст. Денес зад себе има безброј уметнички дела, а нејзината љубов кон сликарството ја преточува во портрети, пејзажи и цветни мотиви. Иако слика со уста, таа не дозволува предизвиците да ја спречат да го изрази својот талент и да создава дела кои оставаат силен впечаток кај публиката.
„Јас на изложбата имам изложено седум дела, акрил на платно. Инаку, јас цртам со уста. Цртам од својата седумгодишна возраст и до денес имам нацртано многу дела.
Сликите ги праќам во Лихтенштајн, каде што е седиштето на Здружението на уметници кои сликаат со уста и нога. Голема поддршка добивам и од Мобилност Македонија, кои секоја година организираат ликовна колонија во Охрид.
Најчесто цртам ликови, пејзажи, а најмногу сакам да сликам цвеќиња. Имам и порачки, а најчесто тоа се портрети.
Секој човек има талент за нешто. Јас сум лице со попреченост, не можам да ги користам ниту рацете ниту нозете, а сепак создавам уметнички дела“, вели Роза за Женски магазин.
Тринаесетгодишниот Филип Циглењак Симоновски, дете во аутистичниот спектар, со својот извонреден талент за цртање ги воодушевува сите што ќе се запознаат со неговите дела. Преку уметноста тој го изразува својот внатрешен свет, своите чувства и соништа, испраќајќи силна порака за заедништво, прифаќање и инклузија. Неговите зборови и неговите дела потсетуваат дека различностите не треба да нè разделуваат, туку да нè зближуваат и да го направат светот поубаво место за живеење.
„Јас сум Филип Циглењак Симоновски, имам 13 години, уметник сум и дете во аутистичниот спектар. Денес имам малку трема, но и големо срце. Ќе читам затоа што не секогаш можам лесно да ги искажам своите мисли, особено кога сум возбуден.
Не стојам тука за да зборувам за мојата попреченост. Стојам тука за да зборувам за мојата уметност, за моите чувства и за мојот свет. Светот понекогаш ме гледа како поразличен, но кога ќе земам четка во раце, јас не сум различниот. Јас сум дете што сонува, дете кое сака да остави трага во овој свет. Јас сум сонувач, уметник и креатор“, изјави Филип за Женски магазин.
Секоја слика на Филип раскажува нешто што можеби никогаш не успеал да го каже со зборови, во неа има надеж, љубов, страв, емоции и срце.
„Денес околу мене се наоѓаат уметнички дела создадени од луѓе кои секој ден покажуваат колку е силен човечкиот дух. Можеби нашите тела функционираат поинаку, можеби нашите сетила чувствуваат поинаку, можеби нашите чекори се различни, но нашите соништа се исто толку големи.
Често луѓето ја забележуваат попреченоста пред личноста. Јас денес сакам да се случи нешто поинаку. Кога ќе ги погледнете нашите дела, не прашувајте што не можеме. Прашајте се колку љубов, труд, храброст и талент се вложени во нив.
.Не гледајте ги нашите ограничувања. Гледајте ги нашите можности. Не гледајте ги нашите разлики. Погледнете ја нашата човечност. Затоа што секое дело што денес го гледате на оваа изложба е доказ дека талентот нема попреченост, креативноста нема граници, а уметноста не бара совршенство – таа бара искреност. А ние ви ја подаруваме токму неа, од срце.
Денес ние не сме нашите дијагнози. Не сме нашите предизвици. Ние сме луѓе, деца и уметници. И имаме многу што да му кажеме на светот“, беше пораката на Филип на изложбата „Inclusive Art“.
Зад секој успех на овие млади уметници стои неизмерната љубов, посветеност и поддршка од нивните семејства. Токму тие се нивната најголема сила и поттик да веруваат во себе, да ги развиваат своите таленти и да ги следат своите соништа. Лепа, мајката на Стефан Трпковски, младо момче со Даунов синдром, вели дека секој негов успех е резултат на заедничката работа, поддршка и верба на целото семејство, но и на можностите што ги добива преку активностите на Здружението Трисомија 21.
„Како родители, но и како семејства, даваме огромна поддршка на нашите деца. Ние сме нивните најголеми борци и секојдневно се трудиме да им овозможиме активности, да бидат вклучени во работилници, да се дружат, да се социјализираат и да бидат активен дел од заедницата“, вели Лепа за Женски магазин.
На изложбата од Здружението Трисомија 21 беа претставени мозаици изработени од повеќе уметници со Даунов синдром.
„Денес сме особено горди што имаме повеќе учесници со Даунов синдром кои работеа на овие мозаици. Ова е резултат на неколкумесечна работа, која бара многу трпение, внимание и посветеност.
Задоволна сум од тоа како Стефан се развива, но морам да кажам дека тоа е резултат на поддршката од целото семејство уште од неговите најрани години. Исклучително сум горда на него. Стефан е активен спортист, глуми во театар, посетува часови по танц и учествувал на четири до пет олимпијади и европски првенства. Активно е вклучен и во сите работилници и настани на Здружението Трисомија 21. Особено сме горди што Стефан учествуваше и на Зимската олимпијада, каде што танцот за првпат беше воведен како дисциплина. Таму се најде меѓу четворицата најдобри натпреварувачи во светот, што е огромен успех и признание за неговиот труд, посветеност и талент.“
Изложбата „Inclusive Art“ уште еднаш покажа дека уметноста не познава граници, предрасуди или ограничувања. Таа е јазик што ги поврзува луѓето, без разлика на нивните различности. Преку своите дела, овие уметници испратија силна порака дека инклузијата не е само идеја, туку реалност што треба секојдневно да ја градиме. Затоа што кога ќе им дадеме можност на сите да блеснат со својот талент, добиваме побогато, похумано и поубаво општество за сите.
Габриела Додевска Глигоровска
