„ЈАС ЈА УНИШТИВ ЈУГОСЛАВИЈА“: Ахмети порача дека е претставник на лавови, не на мачки
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека во Македонија нема политичар кој подобро од него го познава и практикува национализмот, потсетувајќи дека бил директно вклучен во клучните процеси во периодот од 1981 до 2001 година.
– Нема никој во Македонија што знае подобро од мене како се прави национализам. Јас ја уништив Југославија и 20 години го спроведував проектот 1981–2001. Но, ако го слушнете мојот говор на Конгресот, ќе видите дека никогаш не сум се занимавал со ВМРО, СДСМ или ВЛЕН. Она што го имав да им го кажам на вазалите, им го кажував од 2002 до 2025 година. Тие не нудат одржливо решение – рече Ахмети.
Тој истакна дека за него план А останува развојот и напредокот на државата, изразувајќи надеж дека нема да има потреба од преминување на план Б.
– Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови – додаде Ахмети.
Лидерот на ДУИ се осврна и на состојбите во коалицијата НАИ. Во однос на Тачи, тој рече дека излегол со договор кој, според него, не му штети на Фронтот. За Зијадин Села, Ахмети оцени дека во крупните прашања е дел од НАИ, но дека се обидува да изгради сопствен политички идентитет, сметајќи дека е во сенка на ДУИ.
Тој додаде дека не верува оти Села ќе го поддржи Невзат Бејта за градоначалник на Гостивар, истакнувајќи дека Села не склучува тајни договори, бидејќи, како што рече, таквите договори брзо излегуваат на виделина.
На крајот беше најавено дека ДУИ напролет ќе одржи тематски конгрес, на кој ќе се разговара со партиската база, по што ќе биде донесена одлука за идната идеолошка насока на партијата.
Фото: Принтскрин