Јанушев: Зад хеликоптерскиот тендер стои Драги Рашковски
Игор Јанушев, секретарот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска истакна дека проектот за јавно-приватно партнерство со компанијата Сархемс ќе чини 9 милиони евра годишно и дека зад истиот стои владиниот генерален секретар Драги Рашковски. До почетокот на функционирањето на хеликоптерскиот медицински тим има уште шест месеци, според најавите од Владата, а договорот се уште не е потпишан со операторо, но опозицискиот функционер вели дека и натаму нема ниту еден детал од спогодбата.
-Деновиве сме сведоци на уште една грандиозна измама поврзана со проектот за Системот за итна хелихоптерска медицинска помоши Хеликоптерски услуги за потрага и спасување или попознати какоСАР иХЕМС. Главниот владин играч зад договорот за јавно приватно партнерство е десната рака на Зоран Заев – генералниот секретар Драги Рашковски, а од друга страна стои извесен Саша Ѓаковиќ, кој ја основа фирмата во Република Македонија само 24 дена пред владата да го распише Јавниот повик. Ни помалку, ни повеќе, фирмата која што е избрана на повикот и формирана 24 дена пред да биде истиот распишан, „визионерски“ го носи истото име како и проектот на Заев САРХЕМС. Ја повикуваме владата да ги објасни сите детали околу договорот, без лагите на Заев дека оваа негова зделка немало ништо да ги чини граѓаните. Вистината е дека граѓаните ќе ги чини премногу, вели Јанушев.
Тој физибилити студија ја оцени како скандалозна и дека во неа нема цени и ништо за начинот на плаќање.
- Оваа студија, според нашите информации ја изработува извесен професор машински експерт, па веднаш се наметнува прашањето која е неговата експертиза во делот на воздухопловството и какво искуство има истиот во областа? Во таа студија, цената на договорот која се предлага изнесува 9 милиони евра годишно, и тоа за договорот на минимум на 8 години. Значи, не станува збор за неколку илјади евра, туку за цели 72 милиони евра кои Зоран Заев се обидува да ги сокрие. Имено, никаде во студијата не е наведена цената на час летање со овие хелихоптери, а не се споменува ниту дали фирмата ќе има обврска да изведе одреден број на летови за 9-те милиони евра годишно. Затоа, легитимно се наметнува прашањето што ќе плаќаме за 9 милиони евра годишно, особено кога ќе се видат и другите услови во физибилити студијата, смета Јанушев.
Тој вели дека јавноста има право да знае што се содржи договорот за хелихоптерите на Заев и Рашковски.
- Јавно ги предупредуваме да не влегуваат во нови криминали и да не креираат нови обврски за државата и ги потсетување дека секој еден ќе сноси одговорност за криминалот што го прави, завршува Јанушев.
