Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јануари – најдолгиот месец со најмногу празници за православните верници

Јануари – најдолгиот месец со најмногу празници за православните верници

Иако календарски не се разликува од останатите месеци, јануари често се доживува како најдолгиот месец во новата година. Можеби поради студеното време, можеби поради враќањето на секојдневните обврски по новогодишните славења, но едно е сигурно – јануари е месец со најмногу верски празници кои ги обединуваат православните верници.

Празничниот период започнува со Бадник, кој се празнува денес, на 6 јануари. Бадниковата вечер е исполнета со семејна атмосфера, традиционална посна трпеза и духовна подготовка за најрадосниот христијански празник – Божиќ. Утрешниот ден, 7 јануари, е Божиќ, празникот на Христовото раѓање. Овие два дена се неработни за сите граѓани од православна вероисповед.

Празничниот календар продолжува во петок, на 9 јануари, кога православните христијани го одбележуваат празникот Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, еден од првите сведоци на христијанската вера.

На 13 јануари се слави Василица, позната и како Стара Нова година, празник кој во многу домови се одбележува со семејни собирања и народни обичаи. Следниот ден, на 14 јануари (сабота), се празнува Обрезанието на Господ Исус Христос.

Еден од најзначајните празници во јануари е Богојавление – Водици, кој се празнува на 19 јануари (понеделник). Овој ден е неработен и воедно го носи првиот продолжен викенд во новата година. Традиционално, празникот е поврзан со осветување на водите и фрлање на светиот крст во реки и езера низ целата држава.

Веднаш потоа, на 20 јануари, се празнува Свети Јован Крстител. Овој празник е особено значаен, бидејќи многу домаќинства во Македонија го чествуваат и како своја куќна слава.

Со низа празници, неработни денови и богата духовна симболика, јануари останува месец кој, иако долг, носи топлина, традиција и заедништво во домовите на православните верници.

РЖМ
Фото: Женски магазин


Слично

Поврзани вести