Јанкулоска нема да оди в затвор на 1 јули, ќе суди Врховен суд
Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи, нема да оди в затвор на 1 јули, односно актот се одложува повторно, овој пат до недогледно време затоа што Врховниот суд, чиј претседател е Јово Вангеловски, ќе ја преиспитува правосилната пресуда.
„Заради интерес на повеќе медиуми, ја информираме јавноста дека Врховниот суд на РСМ до Основниот кривичен суд – Скопје достави решение со кое барањето на Г.Ј. осудена со пресуда на Основниот кривичен суд – Скопје со КОК бр. 21/18 и пресуда на Апелациониот суд – Скопје со КОКЖ бр. 46/18, од обвинителството означена како „Тенк“, за одлагање на извршувањето на казната – се уважува“, се вели во соопштението на основниот суд.
Инаку Јанкулоска беше осудена на четири години казна затвор за случајот „Тенк“ на СЈО, но одењето в затвор беше одложувано поради одгледување на дете.
Апелационен суд во март годинава ја прогласи Јанкулоска за виновна со намалување на затворската казна во траење од 4 години, а на издржување на санкцијата требаше да се јави на 1 јули.
Овој пат, како што објавува основниот суд, одењето в затвор се одлага се до одлучување по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда од страна на Врховниот суд на РСМ.
