Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈАНЕВСКА ЦВРСТО ГИ ПОДДРЖУВА СТУДЕНТИТЕ КОИ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ: „Срамота е во главниот град учениците да не можат да стигнат до школо“

ЈАНЕВСКА ЦВРСТО ГИ ПОДДРЖУВА СТУДЕНТИТЕ КОИ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ: „Срамота е во главниот град учениците да не можат да стигнат до школо“

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска остро реагираше на проблемот со градскиот превоз во Скопје, кој, според неа, директно го нарушува основното право на учениците да се образуваат.

„Анализата на Министерството од е-Дневникот покажа дека нема значајна разлика на неоправдани изостаноци во овој период во споредба со истиот период минатата година. Претпоставувам дека учениците и родителите прават најдобро што можат, односно се организираат за нивните деца да стигнат на училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град на Македонија да им се оневозможи правото на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право и со Уставот“, изјави Јаневска.

Министерката потенцира дека сите напори на Министерството за подобрување на квалитетот на образованието се загрозени поради неорганизираноста на градските власти.

„Недозволиво е сите напори кои ги прави Министерството за образование и наука, промените за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат спречувани поради неорганизираност на градските власти,“ рече таа, повикувајќи ги градските власти да ја сфатат сериозноста на ситуацијата и итно да најдат соодветно решение.

Јаневска исто така изрази поддршка за студентите кои најавија приклучување на протестите пред Град Скопје.

„Студентите се апсолутно во право, имаат право својот револт на каков било соодветен начин да го изразат и ако ова е единствениот начин да најдат решение за нивниот проблем, јас ги поддржувам“, изјави министерката.

Протестите на студентите се очекуваат да дадат дополнителен притисок врз надлежните за решавање на кризата со јавниот превоз во главниот град, која, според Јаневска, веќе има сериозни импликации врз образовниот процес.


Слично

Поврзани вести