Јанева за Дојче Веле: Продолжуваме додека не ја завршиме нашата мисија
Треба да ја завршиме нашата работа, да ги истражиме сите снимки и повторно ги повикуваме сите кои имаат снимки да ни ги дадат на нас, изјави денеска Специјалната обвинителка Катица Јанева за Дојче Веле, во однос на тоа дали смета дека ќе биде продолжен мандатот на СЈО.
„Продолжуваме додека не ја завршиме нашата мисија, затоа сме формирани, а не да работиме во одреден рок“ - рече таа.
На прашањето какви ќе бидат последиците за општеството откако снимките открија систематска шема на корупција и злоупотреба на моќта на луѓе од власта, Јанева вели дека моралните вредности во македонското општество се изместени во овие 10 години со самиот начин на владеење на оваа гарнитура.
„Најлошо е дека бил злоупотребен избирачкиот процес каде што од лукративни побуди самата владејачка партија останувала на власт и со криминални дејствија, со уцени ги уценувале финансиерите и фирмите за да се здобијат со финансиски средства за да продолжат да бидат на власт“ - вели Јанева.
На прашањето дали очекува поранешниот премиер Никола Груевски да биде обвинет пред суд, Јанева одговори дека се надева дека тоа ќе се случи.
