Јанева: Ако некој има аргумент дека работам против поединци јавно нека каже
По вчерашната прес конференција на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски која следеше по пресот на СЈО и информациите дека се бара притвор за одредени функционери од опозициската гарнитура, денеска специјалната јавна обвинителка посочи дека ако некој има аргумент дека таа работи само против поединци тогаш нека го каже тоа јавно, алудирајќи на екс премиерот кој потенцираше и обвини дека СЈО работи само против неговата партија.
Јанева посочи дека таа не работи според имиња или функции што некои луѓе ги носат, туку оти работи според докази.
„Би била многу среќна ако тие луѓе се невини и да се повлечат сите тужби против нив. Ако кој било има аргументи дека работам против поединци или слично јавно нека го каже тоа“, рече Јанева.
Таа не сакаше да ги коментира протестите во Скопје пред Основниот суд Скопје 1, бидејќи рече дека луѓето што протестираат не се изјасниле зошто протестираат таму.
