Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јане и Неда – татко и ќерка што живеат со срце полно адреналин: „Ако направиш Венов дијаграм од мене и татко ми, круговите речиси целосно ќе се преклопуваат“

Јане и Неда – татко и ќерка што живеат со срце полно адреналин: „Ако направиш Венов дијаграм од мене и татко ми, круговите речиси целосно ќе се преклопуваат“

Во свет каде што секојдневието често нè оддалечува, постојат приказни што потсетуваат колку е силна врската меѓу родител и дете кога е изградена врз доверба, поддршка и заедничка страст.

За Јане Стефанов, инструктор по падобранство од Аероклуб Скопје, и неговата ќерка Неда, падобранството не е само спорт – тоа е начин на живот, простор каде што заедно ги надминуваат стравовите, ги слават успесите и ја живеат слободата меѓу небото и земјата. Нивната приказна е сведоштво дека најубавите семејни врски не се создаваат само дома, туку и во моментите кога заедно се охрабруваат да скокнат кон нови височини. 

Нивната приказна не е само за скокови од авион, адреналин и освојување на небото. Таа е приказна за едно детство поминато на аеродром, за таткова рака што охрабрува и за ќерка која расте гледајќи го светот од малку поинаква перспектива – похрабра, послободна и поискрена. Во секој нивен скок има нешто многу подлабоко од спорт: доверба што не се објаснува со зборови, гордост што се гледа во погледите и љубов што останува цврста и кога земјата е далеку под нив. Објави Женски Магазин

ЖМ: Кога за првпат сфативте дека падобранството ќе стане заедничка приказна во вашето семејство?

Јане: Моите деца израснаа на аеродром. Мене ми се виде како добра средина во која може да раснат. Некој ќе каже себично од моја стана ги израсна децата на ливада, ама тоа беше единствено решение каде што и јас можам да се занимавам со скокање и летање и да поминувам повеќе време со Неда и Јосиф. Таму растеа безбедни, научија да одат, да трчаат, да возат велосипед, да ја сакаат природата и, претпоставувам, да ја засакаат авијацијата. Верувам падобранството на Неда и дојде природно. Морам да кажам дека јас не ја „терав“ да скока, самата сакаше. Моето верување е дека „Само спортот може да ни ги спаси децата од модерното зло“. Затоа спорт мора да има, кој било спорт.

Неда: Раснев со скокањето како секојдневен дел од мојот живот. Ги гледав падобранците како скокаат и ја чувствував огромната енергија што ја носеа после секој скок. Како малечка доаѓав на часовите што ги држеше татко ми на новите падобранци тоа ми беше многу интересно. Она што претходно ми изгледаше како далечна и невозможна работа, полека се претвори во нешто сосема разбирливо. На околу 10-11 години му кажав на татко ми дека и јас сакам да скокам, но ми рече дека ќе морам уште пет години да почекам. Неколку месеци пред мојот 16. роденден конечно ги почнав часовите, а татко ми беше мојата најголема поддршка. Никогаш нема да ја заборавам среќата кога токму тој ме фрли во првиот скок.

ЖМ: Што за вас значи „слободата“ кога сте во воздух?

Јане: Слободата во воздухот за мене е најчиста форма на слобода што човек може да ја доживее. На земјата сме оптоварени со правила, одговорности, проблеми, сметки, ѓубре … нешта што се пострашни од гравитацијата во буквална и метафорична смисла. Кога скокаш, ги оставаш сите тие работи долу. Тоа е момент на целосна доверба — во себе, во пријателите падобранци, во опремата и во природата. Низ разговор со учениците падобранци гледам дека и кај нив се случува една промена, една еволуција на личноста. Велат дека после првиот скок почнуваат поинаку да гледаат на животот. Јас мислам дека во воздухот учиш дека вистинската слобода не е да избегаш од сè, туку да се соочиш со стравот и сепак да избереш да скокнеш.

Неда: За мене скокот е момент кога се тргнувам од несигурноста на секојдневниот живот. Долу на земјата сè е збунувачки – луѓето ретко кажуваат што навистина мислат, а се лутат кога ќе прекршиш некое непишано правило што никој не ти го кажал. А горе, во воздухот, сè е јасно. Има процедури за сè, сите отворено кажуваат што мислат и што треба да се направи. Немам потреба да се грижам дали сум згрешила некаде, дали сум пропуштила нешто важно или што треба да правам. Само треба да излезам на папуча од авион и да скокнам. За сè друго постои процедура.

ЖМ: Јане, колку години сте дел од падобранството и како започна вашата љубов кон овој спорт?

Јане: Почнав да скокам на 16 години, исто како и Неда. Пред 34 години. Бев љубопитно дете кое сака да проба многу спортови, атлетика, гимнастика, бокс … преку една љубов од тинејџерски години дојдов до Аероклубот Скопје, таа одеше на курсот за падобранци почетници. Јас не ни знаев дека постои такво нешто. Посакав и јас да скокам, ми кажаа дека голема е групата, имаше 75 кандидати од кој скокаа само 20. Требаше на тинејџерскиот празник 10 јуни, да седнам и да научам 5 предмети. Ми ја дадоа шансата бидејќи бев физички многу добар. Положив со висок резултат и влегов во 20-те избрани за прв скок. Така беше тогаш, како и во сите други спортови, скокањето беше бесплатно. Многу бргу откако одлучив да скокам се најдов во авион со падобран на грб. Вратата се отвори. До тој момент немав летано со мал авион, немав видено како изгледа скок и одеднаш пред мене 800 метри дупка. Страв измешан со возбуда. Прашања многу, а одговор еден, вратата на авионот. Скокнав со решение дека долу ќе им кажам дека не ми се бендисало и ќе си продолжам со атлетика и бокс. Ама, секогаш има ама, после бучавата во авионот, по скокот целосен мир, време развлечено, гледаш како мајката Земја се приближува. Отворање на голем овален падобран. И тогаш знаев дека ќе го правам ова цел живот. Тоа беше љубов на прв скок.

ЖМ: Како изгледа да се биде инструктор во Аероклуб Скопје и што е најголемиот предизвик во вашата работа?

Јане: Клубот има Школи, или по ново Центри за обука за падобранство, за едриличарство, за моторно летање, за параглајдерство … Во авијацијата сè е регулирано со Закон за воздухопловство и Правилници за разни воздухопловни гранки, Програми за обука за сите дејности. Нашите центри за обука ги почитуваат правилата и барањата од Агенцијата за цивилно воздухопловство. Да бидам инструктор е мојот начин да му се оддолжам на Клубот и да вратам она што моите почитувани инструктори мене ми го дадоа. Во мојот случај, начин на живеење.

Системот на обука е таков да побарува повеќе инструктори, јас го водам процесот ама покрај мене има и други инструктори, Рале, Ели, Иван … За мене најголем предизвик е да проценам дали ученикот е психофизички подготвен да скока или да продолжи со обуката. Таа процена ја прават сите инструктори, а правилото е дека минимум двајца мора да се согласат пред ученикот да скокне. Така ја зголемуваме безбедноста.

ЖМ: Дали некогаш сте замислувале дека ќе ја пренесете оваа страст и на вашето дете?

Јане: Не сум замислувал и не сум наметнувал да почне или да сака скока. Сум правел притисок, моите деца да се занимаваат со спорт, кој било, само спорт да имаат во животот. Признавам дека ми е драго што одлучи да скока и ќе и ја давам мојата родителска поддршка да ги прави работите што ги сака.


ЖМ: Какво беше вашето чувството кога Неда за првпат скокаше со падобран?

Јане: Тато беше горд и среќен, ја гледав како ужива во скокот. Како се менува и расте. Ние родителите често не успеваме да ги видиме нашите деца пораснати. Заглавуваме на онаа слика на бебе кога за прв пат сме ја зеле во раце. Нејзиниот прв скок ми помогна да ја видам како возрасна оформена личност.

ЖМ: Дали е потешко или полесно кога ученик ви е сопственото дете?

Јане: Многу пати потешко. Татковците не можат да бидат објективни за своите деца. Тоа во падобранството може да биде опасно. Јас и предавав на часови, ја учев ама одлуките за клучните моменти во обуката ги правеа другите инструктори. Ја шокирав на првиот час, бев многу строг со неа. Таа имаше многу знаење за падобранството што го собрала од слушање по аеродроми. Тоа знаење сакаше да го сподели со другите и ја изместуваше структурата на часот. Дома, подоцна и објаснив зошто сум постапил така.

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ НА ОВОЈ ЛИНК

Слично

Поврзани вести