ЈАНЧЕВ, БЕЏЕТИ, ЈАОСКИ, АРИФИ, ИБРАИМИ - имаат полна доверба да ги водат општините, добија над 70 отсто од гласовите уште во првиот круг
Некои слават, некои се изненадени, трети им ја честитаа победата на своите ривали, а некои, пак, допрва се „острат“ за тешка битка во вториот круг.
Дури 34 идни градоначалници го отворија шампањското откако Државната изборна комисија и официјално потврди дека освоиле 50 отсто плус еден од гласовите на првиот круг од локалните избори.
Фактор направи анализа на тоа кои се победници, но и за тоа кои се идните градски татковци со убедливо најсилен легитимитет добиен од своите сограѓани, во општините со кои ќе раководат во следните четири години.
Петмина идни градоначалници, според бројките на ДИК, добиле доверба од над 70 отсто од запишаните избирачи, и со тоа тие се на топ петте позиции според добиените гласови.
Според резултатите од ДИК, убедливо на врвот по добиен процент од гласачите е Алија Јаоски, сегашен, а и иден градоначалник на општина Пласница, кој е поддржан од партијата ДУИ, и кој на своето изборно конто „запиша“ дури 76,56 отсто од гласачите, со што убедливо води во првиот круг од изборите.

Одличен процент од дури 73,1 отсто од запишаните избирачи добил и уште еден негов сопартиец, Блерим Беџети од ДУИ, кој и досега, а и во идните четири години ќе раководи со скопската општина Сарај.
Трет кандидат од редовите на ДУИ е и на третото место според големиот процент на освоени гласови, односно идниот градоначалник Еркан Арифи, кој освои 72,59 отсто од гласовите на запишаните избирачи.

Четврти по освоена доверба е Митко Јанчев, кој во неделата доби уште еден мандат од кавадарчани, откако неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, со која претходно не беше во најдобри односи, реши повторно да застане зад неговата кандидатура, и со тоа практично ги подобрија релациите. Митко Јанчев ја доби довербата од 72,35 отсто од граѓаните во неговиот роден град, со што има одичен легитимитет за да го подобрува жѓивотот и да ги решава проблемите на неговите сограѓани.

И, на петтата позиција, но со одличен изборен „скор“ од 71,16 отсто од гласачите, е Аријан Ибраими од ДПТМ, кој ќе раководи во следните години со општина Центар Жупа.
Покрај овие петорица, уште 29 други идни градски татковци веќе можат да почнат да работат, откако за тоа ќе ги добијат и официјалните документи од ДИК.
Да одиме со ред.
Младиот и перспективен кадар на ВМРО-ДПМНЕ и досегашен пратеник, Тимчо Муцунски, освои 55,15 отсто од гласовите, и со тоа веќе може да му се честита дека е идниот градоначалник на најбројната, стоилјадна општина Аеродром, со која досега раководеше СДСМ.
И Берово веќе има официјален градоначалник, а тој ќе биде Звонко Пекевски од СДСМ, кој има голема причина да се радува, затоа што освоил 51,25 отсто од гласовите, со што „за влакно“ победил во првиот круг и нема да има потреба да оди на второ изборно соочување.
Уште еден негов сопратиец, Блаже Шапов од СДСМ, има уште поголема причина за славење, бидејќи има освоено 50,92 отсто од гласовите, што е многу малку над лимитот од 50 отсто плус еден глас, колку што е неопходно за да се прогласи изборна победа уште на првиот изборен „мегдан“.
Со Босилово, пак, ќе раководи Ристо Манчев од ВМРО-ДПМНЕ, кој на своето конто прокнижи 58,33 отсто од гласовите на запишаните избирачи во неговата општина.
Младиот Перо Костадинов од СДСМ, кому лидерот Зоран Заев му даде сесрдна поддршка уште пред партијата да номинира свои кандидати за изборите, доби уште еден мандат да раководи со Валандово, откако уште во првиот круг освои 57,66 отсто од гласовите.
Марко Колев, пак, од ВМРО-ДПМНЕ, ќе треба да донесе промени во неговата општина Велес, каде досега управуваше конкурентската партија, а дополнително среќа треба да му донесе фактот што победил во првиот круг со „само“ 51,6 отсто од гласовите, со што ја избегнува неизвесноста на вториот изборен круг.
СДСМ изгуби уште една општина, а тоа е Виница, каде во следните четири години ќе градоначалникува Миле Петков од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои солидни 54,75 отсто од гласовите на своите сограѓани.
Со одличен скор од 60 отсто од гласовите својот мандат ќе го стартува и Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ, со која досега исто така менаџираше кадар на СДСМ, но сега за неа е извесно дека го добива новиот градски татко уште во првиот круг.
Ако некој стрептеше до последен момент, а тоа е до вчера попладне кога ДИК ги соопшти официјалните изборни резултати, тоа е идниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го чекаше конечното пребројување на гласовите кое одеше бавно, но тоа му донесе победа во првиот круг со само 50,24 отсто од гласовите, со што го исполнува условот да биде прогласен за нов градоначалник уште во првиот изборен круг. И оваа скопска оптина, инаку, досега беше под раководење на СДСМ.
Со Градско ќе раководи Киро Нацков од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 55,66 отсто од гласовите.
Во Делчево, пак, победа извојува СДСМ, а со општината во следните години ќе раководи Горан Трајков од СДСМ, кој освои 51,01 отсто од гласовите.
Неговиот сопартиец Анго Ангов ќе продолжи да управува со општина Дојран, освојувајќи 53,21 отсто од граѓанската доверба уште во првиот изборен круг.
Борчо Коцев од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе управува со општина Зрновци, со 54,54 отсто освоени гласови, а неговиот сопартиец Александар Георгиевски ќе раководи со Илинден, прокниужувајќи 53,42 отсто од гласовите.
А, Димитар Костадиноски, пак, исто така од ВМРО-ДПМННЕ, може да им се придружи на „среќниците“, бидејќи со извојувана победа од 50,4 отсто од гласовите, нема да мора да оди во вториот изборен круг.
Новиот градоначалник на Карбинци, пак, е Виктор пацков од ВМРО-ДПМНЕ, со освоени солидни 59,4 отсто од гласовите.
И во Кисела Вода ВМРО-ДПМНЕ го презема управувањето од СДСМ, а нејзин нов градски татко ќе биде Орце Ѓорѓиески, кој освои 52,5 отсто од гласовите на запишаните избирачи.
Крива Паланка осдтанува сдсмовски град, а на нејзино чело во следните четири години ќе биде Сашко Митовски од СДСМ, со освоени солидни 54,73 отсто од довербата на гласачите.
Неговиот сопартиец Николче Поповски од СДСМ, ќе раководи со општината Кривогаштани, освојувајќи 50,83 отсто од гласовите сепак доволни за победа во првиот круг, а малку посилна победа со 52,7 отсто, исто така во првиото изборно соочување, освои досегашниот градоначалник на Крушево, Томе Христов од СДСМ.
Драганчо саботковски, пак, од ВМРО-ДПМНЕ, со освоени 57,28 отсто, ќе раководи со општина Могила, а неговиот сопартиец Горан Стојанов ќе управува со Неготино, со освоени 51,94 отсто од гласовите. Со Новаци, пак, ќе управува Стевче Стевановски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 51,29 отсто од гласовите, што сепак, е доволно за објавување победа во првиот круг.
Одлична победа, пак, со 63,84 отсто од гласовите, има новиот градоначалник на Петровец, Борче Митевски, од ВМРО-ДПМНЕ.
Докторот Борче Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ, пак, победи во општина Прилеп, со освоени 54,84 отсто, со што настанува политички пресврт и во оваа голема општина, со која досега управуваа социјалдемократите.
Стевче Трпковски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, освои одлични 65,03 отсто од гласовите во Сопиште, со што станува јасно дека и таму нема да има втор изборен круг.
И конечно, голема радост за СДСМ беше освојувањето на големиот град Струмица, матичното место и на лидерот Зоран Заев, со која во следните години ќе управува сегашниот пратеник Коста Костадинов, кој освои доверба од 53,7 отсто од избирачите уште во првиот круг од изборното соочување.
Нина Нинеска-Фиданоска
