Јанакиески: СЈО направи уште една повреда на моите права како граѓанин вршејќи политичка дискриминација
Eкс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска ја нарече скандалозна одлуката на Апелациониот суд за користење како доказ на прислушуваните разговори во случајот „Топлик“ на СЈО во кој, тој е првообвинет.
„Апелациониот суд одржал јавна седница одлучувајќи за моите права на која за жал не бев поканет и немав можност ниту да присуствувам ниту да ги изнесам моите аргументи со што го повреди принципот на еднаквост како основен елемент на правото на правично судење и грубо го прекрши членот 6 од Европската конвенција за човекови права“- наведува тој.
Јанакиески поставува прашање до претставниците на СЈО, дали е извршена повреда на правото на приватност и семеен живот со прислушкувањето на неговите и на разговорите на неговата сопруга, направени надвор од законска процедура. Според него, обвинителите на СЈО уште еднаш потврдиле дека нивното дејствување е политичко и нема никакви допирни точки со правото и правдата.
„Скандалозно тврдејќи дека за мене и моето семејство не може да важат одредбите од Европската конвенција за човекови права, Уставот и законите во Република Македонија кои го штитат правото на приватност и семеен живот само затоа што сум бил министер и вршев функција преку која со мојот тим оставив бројни мерливи и видливи проекти зад себе, СЈО направи уште една повреда на моите права како граѓанин вршејќи политичка дискриминација врз мене“- се вели во писмената изјава на Јанакиески.
Апелациониот суд Скопје ги прифати жалбите на Специјалното јавно обвинителство против решението на Кривичен суд со кое се забранува користењето на „бомбите“ како доказ во случаите „ТНТ“ и „Топлик“.
