Јанакиески: Миле е омилен лик на СЈО, ОЈО, Финансиската полиција, магарето замина, се удира на самарот
„Магарето замина, удривте по мене“, изјави денеска екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески алудирајќи на бегството на поранешниот премиер, Никола Груевски.
Јанакиески кажа дека имал блиски релации од 2006 и 2007 година со семејството на бизнисменот Фијат Цановски и дека дури им биле на свадбата.
Тој додаде дека тие како бизнисмени биле такви што постојано сакаат да кокетираат со обвинители и судии. Рече дека на почетокот биле поддржувачи на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
„По четири години Миле е омилен лик на СЈО, ОЈО, Финансиската полиција. Магарето замина, сега се удира на самарот”, вели Јанакиески.Објасни дека со Цаноски имал интензивна комуникација од април 2010 до август 2011 година со првообвинетиот, Никола Груевски.
Обвинението на СЈО, ги товари обвинетите дека во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на тогашниот политички противник Фијат Цаноски. СЈО наведува дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.
Обвинети се екс премиерот Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, екс градоначалникот Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.
Инаку, членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои имаше и функционери, денеска сака да влезат во Кривичниот суд и да присустуваат на судското рочиште за предметот „ТНТ“.
На барање на адвокатите определени по службена должност, вчера се одложи првостепената пресуда за случајот „ТНТ“.
