Јанакиески меѓу уапсените: Каде требаше да никнат и што го спречи проектот со Шпанските скали во Скопје
Утринските полициски апсења на поранешни функционери, нотари и службеници во транспорт се последица на проневера со хотелски парцели и со Шпанските скали кои требаше да се градат на скопскиот плоштад. Се работи за истрага за продажба на државно земјиште, по несоодветна постапка, со што буџетот е оштетен за над 2,5 милиони евра.
Каков проект беа шпанските скали и што се случи со нив?
Во 2015 година Општина Центар даде согласност на плоштадот Македонија да никнат шпански скали за кои беше планирано да бидат потрошени 1.580.000 евра.
Тогаш општина Центар издаде дозвола за изградба на објекот, а советниците на Град Скопје ја одобрија изградбата со 24 гласа „за“ и 10 гласа „против“. Кога се смени локалната власт во февруари минатата година новиот градоначалник Саша Богдановиќ стави стоп на решението за градба.
Богдановиќ го поништи и го огласи за ништовно издаденото одобрение на фирмата „Амадеус Девелопмент“ за изградба на објект за комерцијални и деловни намени на улица 11 Октомври бб во централното градско подрачје. Надлежните во општината констатирале, дека инвеститорот во рок од две години по правосилноста на решението , колку што пропишува Законот за градење, не започнал со изградба на објектот. Според член 66 став 1 од Законот, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.
Според идејното решение , кое го обезбеди тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески а кој е дел од уапсените утринава, без да го објави авторот, зградата, во чиј склоп ќе бидат и скалите требаше да биде висока 16 метри, односно приземје плус 3 ката.
Освен скалите, од двете страни на главниот влез беа предвидени две кочии со коњи, а низ целиот објект од надворешната страна околу 25 скулптури.
Скалите требаше да ги гради компанијата „Амадеус Девелопмент“. На електронската аукција фирмата понуди 93.100 денари за метар квадратен или вкупно 1.580.000 евра за парцелата од 1046 квадрати за објект за комерцијални и деловни намени во стил на барок.
За изградба на барокната зграда инвеститорот беше ослободен од комуналии од тогашното мнозинство во Советот на Град Скопје.
Лавина реакции имаше и од архитектите а многумина од нив овој проект го сметаа за атак врз современо Скопје.
Архитектот Даница Павловска посочуваше дека новиот проект на владата во декор кој за неа не е ни барок е пример за еден вид на егзебиционизам.
„Таа монументалност од минатото тешко може да се реплицира во денешно време и да се прифати, може ќе се навикнеме во иднина на таквото нешто, но тоа нема да стане дел од нас. Ова е едноставно печат на овој миг и толку, градот не го живее патот до ваков вид на декор, тој беше современ и останува современ и модерен град, ова се само поединечни атаци на неговата суштина“ - изјави во едно интервју архитектката Даница Павловска.
Не се согласуваа со идејата ни граѓаните.
„Јас сум ги видел вистинските Шпански скали и тие се само едни. Не е работата во изгледот на самите скали, работата е во целиот амбиент и во традицијата, тоа е нешто што не може да пренесе така едноставно.“- истакна еден граѓанин.
