Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јанакиески:Годинава ќе се градат канализациони системи во населени места

Јанакиески:Годинава ќе се градат канализациони системи во населени места

Минатата година главно се градеа локални патишта, а годинава е посветена на канализационите системи во населените места, ова го изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на поставувањето камен-темелник на нов канализационен систем во должина од 5,5 километри во прилепското село Мало Коњари.

- Лани во прилепско се изградија десетина локални патишта. Оваа година  ќе се градат канализационите системи во селата. Овој во Мало Коњари во должина од 5,5 километри е инвестиција на Министерството од 17 милиони денари. Министерството за транспорт и врски ќе вложи и во изградбата на вакви системи во селата Големо Коњари и Канатларци. Вкупната инвестиција во трите села е 1,3 милиони евра. Ова ќе го подобри квалитетот на живеењето на населението, рече Јанакиески.

Изградбата на канализациониот систем за околу 800 жители во Мало Коњари е приоритетно прашање за населението. Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, општината влегува во инвестициони зафати за канализационите системи и локалната инфраструктура.

-  Досега во четириесеттина села во општината се изградени 120 километри асфалтен пат. Сега ќе се гради канализацијата во три села – Мало и Големо Коњари и Канатларци и во уште две-три населени места. Ќе се поврзуваат и села во Мариовскиот крај, а ќе се градат и локални водоводни мрежи, најави Ристески.

Трите канализациони системи во прилепските Мало и Големо Коњари и во Канатларци треба да бидат готови до крајот на годинава.

Слично

Поврзани вести