Јанакиески бара казни за виновниците за поништената продажба на земјиштето
Продажбата на државното земјиште во Маџир маало во Општина Центар е поништена поради пропуст во Катастарот, објасни министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Утврдено било дека дел од земјиштето е во приватна сопственост на физички лица. Сопствениците се јавиле во Министерството и понудиле докази дека имотот им бил вратен со денационализација.
„По извршениот увид од страна на Катастарот сме известени дека е направен превид во документацијата која за ова земјиште е доставена до Министерството за транспорт и врски“, рече Јанакиески
Министерството за транспорт и врски, постапувајќи по доставениот приговор од страна на сопствениците на земјиштето, согласно член 56 став 7 од Закон за градежно земјиште ја поништи постапката за отуѓување на градежното земјиште, а сите уплатени средства од страна на најповолниот понудувач ќе бидат вратени во целост. Со оглед на тоа што со купувачот се уште не е склучен договор, тој нема основ за тужба.
Јанакиески ја повика Агенцијата за катастар на недвижности да преземе соодветни мерки против вработените кои ја направиле грешката, бидејќи, како што рече, „не воведе во една непријатна ситуација и мене како ресорен министер, но пред се, Комисијата за јавни наддавања. „Исто така, сакам да се извинам на приватните лица на кои во 2009 година, согласно Законот за денационализација ова земјиште им било вратено“, рече Јанакиески.
Според него, тоа е прв случај во кој е постапено врз основа на добиени неточни податоци, иако досега се отуѓени повеќе од 1.000 локации.
