Јанакиески: Апсурд е тврдењето дека во 2007 сме се организирале да направиме дело знаејќи дека ќе настанат штети во 2013 година
Eкс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески во завршниот збор за предметот „Топлик” изјави дека е сигурен во својата невиност.
„Апсурд е тврдењето дека во 2007 година сме се организирале да направиме дело знаејќи дека ќе настанат штети во 2013 година. Замислете, уште во 2007 сме знаеле дека правобранителството ќе постигне спогодба и ќе бидат исплатени средства во име на законска затезна камата што обвинителството го смета за штета. Да ја имав таа моќ, уште во 2007 година да предвидам се што ми се случува сега, ќе си поднесев оставка уште тогаш и никогаш немаше да се занимавам со политика“, изјави Јанакиески.
Тој објасни дека за овој предмет имал долг и опширен исказ од 12 часа за секој доказ и постапка, и замоли неговиот исказ и завршен збор да бидат земени во целост при носењето на конечната одлука.
Обвинителот Бурим Рустеми рече дека од изнесените докази се потврдило дека дејствијата на Јанакиески и членовите на Комисијата за јавно наддавање и нанеле штета на Буџетот на државата во висина од еден милион евра, како исплатена камата на израелската фирма „Сан сити” поради неспроврдливоста на договорот од спроведеното јавно наддавање за продажба на земјиштето за комплексот „Сончев град”.
Во случајот „Топлик“ првообвинет е Јанакиески, кој заедно со уште пет лица од министерството се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања.
