ЈАКИМОВСКИ НЕМА ДА ОДИ ВО ЗАТВОР НА 2 ЈУЛИ: Одложена му е затворската казна, Кривичен проверува дали навистина тој има здравствени проблеми
Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој требаше да започне да ја издржува казната затвор на 2 јули во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, засега ќе остане надвор од затворот, информираат од Кривичниот суд.
Јакимовски побара одложување на издржувањето на казната поради здравствени причини. Судот соопшти дека влегувањето во затвор ќе се одложи додека не се разгледа медицинската документација доставена од поранешниот градоначалник. Судијата за извршување санкции веќе ја побарал документацијата од здравствените установи, а одговорите се сè уште во процес.
„Судијата по приемот на барањето веднаш пристапил кон проверка на приложената медицинска документација. До двете приватни здравствени установи биле доставени барања за верификација на 15.06.2026 и ургенција на 26.06.2026, но одговор сè уште се чека, по што ќе биде донесена конечна одлука“, велат од Судот.
Со правосилна пресуда на Апелација, Јакимовски е осуден на една година затвор за изградбата на општинската зграда. Во пресметка на казната се зема предвид и времето што тој го поминал во притвор, пет месеци, па останува да издржи уште седум месеци во затворот во Шуто Оризари.
