Јакимовски ќе добие кривична пријава за „мафијата во рикверц“
Стевчо Јакимовски, претседателот на ГРОМ, ќе добие кривична пријава од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, за што е предвидена казна затвор од една до пет години.
Тој на предизборен митинг говореше дека за неговиот противник Стефан Богоев се ширеле муабети дека му бил дечко на Боки 13 и дека хомосексуалната мафија, таа која одела во риквцерц била најопасна и дека сакала да се инсталира во општина Карпош.
Ваквиот говор на кандидатот за градоначалник, велат од Хелсиншкиот комитет, претставува кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ согласно со член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.
„Хелсиншкиот комитет и Коалицијата СЗПМЗ напоменуваат дека од исклучителна важност во конкретниот случај се неколку елементи. Прво, застрашувачки е фактот што лицето кое континуирано шири говор на омраза е градоначалник на општина Карпош во изминатите 8 години, односно е носител на јавна функција и избран претставник на граѓаните, кој особено влијание врз градењето на јавното мислење и јавните политики на општината. Второ, говорот на градоначалникот (и кандидатот за градоначалник) е одржан на јавен собир –митинг во рамките на предизборна кампања, каде што има пристап и влијание до поширока публика, односно голем дел од гласачкото тело. Трето, и можеби најважно, е дека јасно се гледа намерата на говорникот да омаловажи и деградира една цела маргинализирана група, врз основа на сексуална ориентација, нарекувајќи на ‘најопасна мафија’ и алудирајќи на неа како штетна за општеството, односно општината“, се вели во соопштението.
Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата СЗПМЗ ќе поднесат кривична пријава за Јакимовски за сторено кривично дело според член 319 од Кривичниот законик, за кое е пропишана казна затвор од една до пет години.
„Го повикуваме јавното обвинителство да спроведе брза и ефикасна постапка за утврдување одговорност на сторителот, а судот да изрече соодветна мерка со што превентивно ќе се дејствува врз понатамошното ширење говор на омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет и од Коалицијата СЗПМЗ.
Јакимовски вчера во општина Карпош убедливо ги загуби изборите во првиот круг каде победи Богоев со голема разлика.