Јаким Неделков: Вакцинирањето на наставниците не смее да биде услов за физичката настава
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека бројот на вакцинирани просветни работници не смее да биде услов за почеток на наставната година од 1 септември со физичко присуство.
Според информациите на ТВ21, од 30.000 просветни работници, до сега против Ковид-19 се имунизирале околу 10.000.
- Вакцинацијата не е и не смее да биде услов за почеток на наставната година. Пред неколку години имаше услов за новозапишаните ученици да бидат вакцинирани, но тоа беше законски регулирано, рече Неделков.
Во моментов од Министерството за образование и наука велат дека образовниот систем сериозно се подготвува за престојната учебна година со неколку сценарија за непречено одвивање на наставата во услови на пандемија.
Министерот за здравство Венко Филипче претходно потсети дека сите наставници кои сакаат да се вакцинираат се веќе на приоритетната листа.
