Јаким Неделков: Дигитализацијата е добра работа, но учебниците не смеат да бидат забранети
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, денеска изјави дека СОНК останува на ставот дека дигитализацијата е добра, но не целосно и не на начин на кој се спроведува во моментот.
Првиот човек на репрезентативниот синдикат вели дека учебници мора да има, зошто не сите деца имаат еднакви услови за учење и предупредува дека ниту училиштата не се доволно опремени со технички помагала и интернет.
- Не во сите училишта имаат услови за спроведување дигитализација, односно учење преку дигитални уреди и апарати, таблети, лап-топи... Можеби има смарт-табли некаде, но тоа ми се чини е недоволно, ако учениците немаат пред себе каде да следат. Особено ми се чини дека најголем е проблемот што во домашни услови не сите ученици имаат услови тоа да го следат и учат. Од таа причина сметам дека учебници мора да има, учебници никој не смее да забрани да се користат и навистина тоа би било штета за секој ученик доколку не би имал услови за домашно учење, вели Неделков.
Како што вели тој, дигитализацијата е напреден начин за учење, но пред сѐ мора да се создадат услови за секое дете да ги има подеднакво условите за учење и на училиште и дома во однос на дигитализацијата.
