Јагода Митревска: Во Русија ги истражував политичките партии
Професорката Јагода Митревска од Меѓународиот славјански универзитет од Скопје, која минатата недела е именувана за член на работната група при Министерството за правда која ќе ги изработува уставните амандмани, за ТВ24 рече дека во Русија била за да го проучува работењето на политичките партии.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека е сликана на избори во Русија и јавно прашува за нејзиниот кредибилитет, наведувајќи дека е „симпатизер на Путин“.
- Доколку му смета некому моето присуство во експертската група, нека повелат оние кои ме напаѓаат, нека учествуваат во комисијата и нека градат различни мислења. Јас мислам дека со дела се брани својата татковина, рече таа за ТВ24.
Опозицијата за неа објави дека учествувала во изборните кампањи на Русија, а на фотографии споделува како гордо се фотографира пред простории и знамиња на партијата на рускиот претседател Владимир Путин.
- Мораме ние во демократски процеси да имаме различни мислења. Точно е тоа дека учествував во изборните процеси, јас ги истражував политичките партии и нема што јас тука да кријам дека со мојот ментор сме биле не само во Русија, туку и во Македонија ги следев митинзите на двете политички партии, додаде Митревска.
