Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈАГМА ЗА АКЦИИТЕ НА „АЛКАЛОИД“ И КОМЕРЦИЈАЛНА, ПОМИНАА И БЛОКОВИ - кој плаќа убави цени за убави хартии од вредност

ЈАГМА ЗА АКЦИИТЕ НА „АЛКАЛОИД“ И КОМЕРЦИЈАЛНА, ПОМИНАА И БЛОКОВИ - кој плаќа убави цени за убави хартии од вредност

Крајот на минатата недела го одбележале три блок трансакции, од кои две со акциите на домашната најмоќна фармацевтска компанија „Алкалоид“, и една со најголемата банка во земјава Комерцијална банка.

Станува збор за мали пакети акции, но вреди да се одбележат бидејќи станува збор за блокови во кои продажбата се врши за познат купувач и по однапред договорена цена.

Со акциите на „Алкалоид“ во исти ден поминале две блок трансакции, но цената на акциите по која се извршиле продажбите била различна.

Па така, во првиот пакет поминала количина од 132 акции, и тоа по цена од 18 илјади денари за акција, а вкупната вредност која се постигнала за оваа трансакција е близу 33 илјади евра.

Втората блок трансакција, пак, била на помала количина, односно 110 акции, додека, пак, цената била повисока, и изнесувала 18.400 денари за акцијуа, што довело до тоа вкупната трансакција да изнесува близу 39 илјади евра.

На денешното тргување, пак, цената веќе е 18.439 денари, односно над двете по кои се реализирале блоковите на последниот работен ден од минатата недела.

На истиот ден или прецизно 18 јануари годинава се оствари блок трансакција и со акциите на Комерцијална банка, и тоа беа продадени 165 акции по цена од 15.000 денари за акција, со што блок трансакцијата изнесува над 40 илјади евра.

Сегашната вредност на акцијата на редовното берзанско тргување е 15.199 денари за акција.

Фактор објави дека акциите на Комерцијална банка и на „Алкалоид“ се најтргуваните за минатата година. Станува збор за најуспешните акционерски друштва, чии акции се максимално привлечни за инвеститорската јавност.

Со акциите на Комерцијална банка лани биле направени вкупно 4.384 трансакции, а бил остварен вкупен промет од 19,2 милиони евра. Со ова акцијата на Комерцијална банка е убедливо најтргуваната акција во текот на минатата година, покажуваат податоците од Годишниот билтен на Македонската берза, објавен на веб страницата на таа институција.

Комерцијална банка е и во топ петте акции со најголем раст за минатата година. Или прецизно, таа се најде на петто место според растот на цената на акцијата за минатата година, завршувајќи ја годината со 14.227 денари за акција, или растот е за 21,28 отсто во однос на декември претходната година.

Како втора најтргувана акција на Берзата секако дека за лани се јавува нашиот фармацевтски гигант „Алкалоид“, со 2.103 трансакции направени при тргувањето со акциите на ова друштво. Со акциите на „Алкалоид“ минатата година е направен и огромен промет, односно 8 милиони евра.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести