Ја земале дрогата од Албанија за да ја носат во Грција: Запленети 54 пакувања марихуана
Полицијата запленила дрога вредна околу 150.000 евра по акција во која е пресечен меѓународен канал, а приведени се пет лица, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи. Впрочем почнувајќи од минатиот месец, од страна на Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал била спроведена истрага насочена кон лица инволвирани во организирање на меѓународни транспорти на марихуана од Република Албанија преку Република Северна Македонија кон Република Грција, а организатор на криминалната група инволвирана во меѓународни транспорти на марихуана е М.А. (50) од Гевгелија.
„Во текот на истрагата беа добиени информации и податоци дека овие лица во периодот од 19.07.2021 година ќе организираат пренос на поголема количина на марихуана од Албанија до Струга потоа до Гевгелија, со цел истата да ја транспортираат кон Грција. На 22.07.2021, И.К. (37) од Гевгелија, З.Б. (52) од село Грчиште, Валандово и Д.С. (27) од село Марвинци со возило „опел вектра“ со гевгелиски таблички се упатиле кон село Јанковец-Ресен, каде оствариле средба со Д.Д. (38) од село Ливата, Струга, кој пристигнал со возило „опел вектра“ со ресенски таблички, а со кое Д.Д. ја донел и претходно обезбедената марихуана. Тоа возило било преземено од Д.С. и тој се упатил од село Јанковец во правец на Градско, а И.К. и З.Б. со возилото со гевгелиски таблички се движеле пред него во улога на чистачи, стои во соопштението.
Полицијата соопшти дека околу 16:35 часот двете возила се запрени од полициски службеници при што во возилото што го управувал Д.С., во багажниот простор биле пронајдени три торби со 54 пакувања марихуана, која според првичните проценки има пазарна вредност од околу 150.000 евра, по што сите се лишени од слобода.
Во координација со СВР- Струмица, СВР-Охрид и РЦ Југ извршени се и повеќе претреси на подрачје на Гевгелија, Валандово и Струга каде од слобода се лишени М.А. и Д.Д. (инаку поранешни вработени во МВР). За време на претресите пронајдени се голем број на мобилни телефони со СИМ картички, додека кај И. К. пронајдени се и одземени и две ловечки пушки, пиштол и муниција за наведените оружја кои лицето ги поседувал без дозволи.
