ЈА ЛАЖЕЛЕ ДЕКА Е НАСЛЕДНИК НА 590.000 ЕВРА: Измамена е жена од Пробиштип, на нејзино име се земени кредити
Измамена е жена од Пробиштип, а на нејзино име се подигнати два кредити.
Жена од Пробиштип на возраст од 56 години пријавила дека ја измамило едно лице за сума од 1.434.000 денари. Измамата ја пријавила вчера во 13 часот во ОВР-Пробиштип.
На почетокот на јануари 2025 година лицето телефонски стапило во контакт со неа и ја известило дека е по потекло од Штип, дека живее во Велика Британија и дека во неговата агенција стигнал документ со кој се потврдува дека таа е наследник на 590.000 евра, кои биле во криптовалути и доколу сака да ги земе ќе мора да плати одредена сума на пари.
„Како што е пријавено, лицето ја убедило да инсталира неколку апликации и да подигне кредит од финансиско друштво од 250.000 денари, кои веднаш ги преземал преку една од апликациите со која имал контрола над нејзиниот телефон. Исто така, според пријавеното, на почетокот на февруари, таа извадила извод од банка и констатирала дека преку електронско аплицирање, а без нејзино знаење и одобрение биле подигнати два кредити од банката во вкупен износ од 1.184.000 денари, се вели во соопштението на СВР-Штип.
Лани имаше повеќе вакви пријави за измами.
