Извршниот продуцент на Сител ќе одгледува канабис за масло
Зоран Додевски, еден од главните извршни продуценти на информативната програма на ТВ Сител ќе одгледува канабис. Тој исто така е познат и по тоа што е назначен како директор на Сител 3 телевизија која се емитува само на кабелска, но за новиот бизнис со одобрение на министерот за здравство Никола Тодоров вели дека нема поврзаност со неговиот газда Љубислав Иванов Ѕинго, пренесува Призма.
Компанијата „МАМ“ од Свети Николе е таа која во април годинава добила согласност од Владата, за одгледување на коноп што ќе се користи во медицински цели. Одлуката беше објавена пред десетина дена во Службен весник.
Со измена на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци од февруари 2016, во Македонија е легално да се одгледува коноп во медицински или во научни цели. Тоа може да го прават само фирми што исполнуваат посебни услови и имаат одобрение од Министерството за здравство, откако претходно ќе добијат согласност од Владата.
Компанијата „МАМ“ во моментов ја има согласноста и се чека уште амин од Министерството за земјоделство за да почне да работи.
Додевски за БИРН вели дека очекува уште летово да почне со одгледување на ова растение и главна цел ќе му биде да произведува суровина за маслото од коноп, кое ќе го произведуваат поголемите фармацевтски компании во земјава.
Фирмата ќе го одгледува конопот во оранжеријата на Додевски во Овче Поле, каде што тој веќе две години произведувал домати. Преку локални познавачи на проблематиката, бил на неколку саеми и се поврзал со фирми и со физички лица од Словенија и од Австрија, кои треба да му бидат партнери во овој бизнис.
„Кога сите најавени инвеститори ќе влезат во фирмата, јас ќе имам помала сопственичка улога“, вели Додевски.
Официјално засега партнер на Зоран Додевски во оваа компанија е Словенецот, Тилен Реихард од Крањ и според вложеното, Додевски има поголем дел од фирмата, односно вложил 24.000 евра, додека со само 6.000 евра, Словенецот има една петина од фирмата.
