Извештајот на Вајц за Македонија е усвоен, но земјава треба да направи реформи
Европратениците од Комисијата за надворешни работи (AFET) предупредуваат дека напредокот на Северна Македонија во реформите поврзани со ЕУ е недоволен, особено во областа на владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.
Во извештајот кој денеска е усвоен, членовите на ЕП ја нагласија својата целосна поддршка за посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ, но потенцираа дека напредокот во пристапните преговори и понатаму зависи од трајни и длабоки реформи. Тие изразија жалење за недостигот на напредок од последниот извештај и истакнаа дека е итно потребна обновена политичка посветеност и меѓупартиска соработка.
Со 43 гласа „за“ и 17 „против“, усвоен извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи ( АФЕТ) во Европскиот Парламент.
Усвоени беа 11 компромисни амандмани – со се уште непозната содржина за јавноста и два амандмани на бугарските европратеници кои бараат резултати од историската комисија со Бугарија и имплементација на протоколите.
Известувачот Вајц претходно, во обраќање пред членовите на АФЕТ , извештајот за Македонија го нарече тешко досие кое се подготвувало со голема поддршка од 5 групи во Европарламентот.
Европратениците порачаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ, но жалат што има недостаток на напредок од последниот извештај за земјата, недоволен напредок во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата. Ги повикаа сите политички партии во земјата да се оддалечат од жестата реторика и да соработуваат за унапредување на патот кон ЕУ. Предупредија на странско мешање и дезинформациски кампањи.
фото принтскрин јутјуб
