Економија, финансии, бизнис

Контакт

ИЗРЕЧЕНИ 108 КАЗНИ: Внимавајте, ако смените презиме, сменете го и пасошот

ИЗРЕЧЕНИ 108 КАЗНИ: Внимавајте, ако смените презиме, сменете го и пасошот

Доколку го смените презимето, во рок од месец дена треба да ги смените личните документи, инаку ви следи казна.

Од полицијата информираат дека во првата половина од годинава, изречени се вкупно 108 глоби и поднесени се две прекршочни пријави за лица согласно членот 44 (не ги вратиле пасошите во МВР со цел поништување поради промена на лични податоци, вклучително и презимето) и членот 44-а (користеле пасош по извршената промена на лични податоци, вклучително и презимето) од Законот за патните исправи на државјаните на РСМ. При промена на презимето, имателот на пасошот е должен во рок од 30 дена од денот на промената, пасошот да го предаде во МВР, заради негово поништување. Имателот на патната исправа не смее да ја користи патната исправа, доколку се променат личните податоци на имателот, вклучително и презимето.

„Од аспект на санкции глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице кое при промена на презимето, во рок од 30 дена од денот на промената на податокот, не го предаде пасошот во МВР заради негово поништување. Потоа, глоба во износ од 15 до 250 евра во денарска противвредност ќе се изрече за  прекршок на физичкото лице кое користи патна исправа, доколку е променето презимето, а не е извршена замена на патна исправа. За наведените прекршоци се издава прекршочен платен налог, согласно закон, од страна на овластеното службено лице од МВР. Ако глобата за прекршокот предвиден со овој закон е пропишана во распон, се изрекува глоба во минималниот износ пропишан за прекршокот. По приемот на прекршочниот платен налог,  сторителот е должен да ја плати изречената глоба, во рок од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во наведениот рок, ќе плати половина од изречената глоба. Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен  платен налог, не се плаќаат трошоци на постапката“, информираат од МВР.

Но, многу од граѓаните не се информирани или само делумно знаат за оваа  законска обврска. Жените при стапување во брак и промена на презимето, често пати забораваат да го сменат и пасошот.

„Знам дека треба да се смени пасошот при промена на презиме, но не знам дали има или не казна, ниту знам колку изнесува казната и во кој рок треба да смени пасошот. Јас одамна сменив презиме, и тогаш имаше други правила“, вели Јулијана Цветковска, граѓанка.

Друга помлада граѓанка, Костадинка Бојмацалиева знае дека има предвидена казна и дека пасошот треба да се смени, но не е информирана за роковите.

„Знам дека треба да се смени, а во кој рок, не знам. Не познавам некој што платил ваква казна“, рече таа.

Ако сторителот не ја плати глобата во предвидениот рок, овластеното службено лице поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, односно прекршочен орган.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести