ИЗРАЕЛ И САД СЕ ВО ВОЈНА СО ИРАН: Какво ни е миграциското салдо со овие земји?
Ако ги споредиме миграциите на населението од Македонија во Израел, Иран и САД, и обратно, заклучокот е дека САД е земја каде Македонците заминуваат, но и Американци се доселуваат во нашата држава.

Државниот завод за статистика(ДЗС) регистрирал 22 доселени граѓани од САД во Македонија, а отселени се 54 наши граѓани во САД во 2024 година. Во однос на доселени странци од САД, ги имало 97 во 2024 година, додека отселени странци од Македонија во САД немало во истата година. Миграциското салдо на Македонија со САД е 65.
„Има Македонци што живееле во САД и се вратиле назад, ама тие се Македонци со двојно државјанство. Во Охрид има 4-5 луѓе што ги познавам, што се вратени од САД. Туристи Американци да останат подолго, да се доселат ние конкретно не сме имале искуство“, вели Александар Трајкоски, од агенцијата за недвижности Енхелеја од Охрид.
Младите од Македонија заминуваат на работа во САД.
„Има студентска програма, одат млади од 1-ва до 3-та година на факултет. Работат во хотели, ресторани, продавници. Тие одат и се враќаат. Таа програма е во текот на летниот распуст и е само за студенти“, велат од скопска агенција за посредување при вработување.
Но, се случува и по основ на брак, македонски државјани да се преселат во САД.

Миграциското салдо покажува дека во 2024 година, од Израел во земјава се доселиле 7 странци, а од Македонија таму се отселил само 1 странец. Миграциското салдо е 6. Во тој период нема доселени или отселени наши граѓани во оваа земја.

Во 2024 година, немало доселени или отселени наши граѓани во Иран. Но, од Иран се доселиле 3 странци според базата Макстат на Државниот завод за статистика(ДЗС), а се отселиле исто 3 странци. Миграциското салдо со Иран е нула. Од друг аспект, дури мал е бројот на македонски граѓани кои туристички го посетиле Иран.

Ако споредиме со други земји, миграциско салдо 9 имаме со Белорусија, со Естонија е 4, со Ирска 6, со Исланд, Кипар, Латвија, Литванија салдото е 1, со Луксембуг -3, со Молдавија 2, со Норвешка 11, со Португалија 6, со Романија 8, со Русија е 57, со Украина 101, со Унгарија 12, со Финска -1, со Аргентина -1, со Бразил 44, со Венецуела 4.
Понатаму, според ДЗС, миграциското салдо во 2024 година со Гватемала е 3, со Јамајка е исто 3, со Колумбија 6, со Костарика 2, со Куба 3, со Мексико 7, со Перу 9, со Чиле 2, со Авганистан 1, со Азербејџан 6, со Бангладеш 233, со Индија 369. Доселувањето на работна сила од сиромашните земји го крева миграциското салдо со некои земји.
Инаку, на 28 февруари годинава Израел и САД го нападнаа во Иран и војната уште трае.
Сања Атанасовска