ИЗРАЕЛ Е ВО ВОЈНА: Ако сте планирале посета на светата земја, плановите пропаѓаат
Македонските граѓани претходните години патуваа во Израел, за Нова година, Божиќ, Велиден. Повеќе туристички агенции нудеа посета на Израел, посета на Израел и Јордан, посета на Израел и Палестина. Откако групата Хамас изврши напади, сега Израел објави војна на групата, а веќе има и голем број жртви. Овие немири ја загрижуваат меѓународната јавност, а странците се евакуираат и се упатуваат кон своите земји. Од туристичките агенции велат дека дури и за брзо време да се врати мирот во Израел, граѓаните нема да патуваат таму, поради страв. Секој сака да патува на безбедни дестинации.
„Ние лани ја нудевме дестинацијата, а оваа година ја немаме. Имаше лани групи кои ја посетуваа. Тоа не беа големи групи, затоа што дестинацијата е малку поскапа, не може секој да си ја дозволи, но имаше патници. Нормално е дека луѓето се плашат. Дури и да се смири ситуацијата, патниците ќе имаат резерва година или две, исто како со Русија и Украина“, велат од скопска агенција.
Од агенциите во внатрешноста кои имаат аранжмани за Израел, велат дека само што ги објавиле програмите за Нова година, но будно следат што се случува со воените дејствија.
„Ние имавме голем интерес за посета на Израел. Патуваа и помлади и постари лица. Како ќе биде следните месеци никој не може да предвиди“, додаваат од агенција од внатрешноста.
Аранжманите беа со различни цени, некои се над 800 евра, некои околу 1.000, но дел чинат и повеќе од 1.000 евра, според податоците кои се достапни на интернет. Понудата опфаќаше посета на повеќе верски објекти и знаменитости. Израел мобилизира околу 300.000 резервисти како одговор на големиот напад на милитантите на Хамас. Израелските власти ветија одмазда за Хамас, но и навестија дека војната може да трае долго.
Сирени за тревога за ракетни напади имаше во Ерусалим, Тел Авив и други градови во Израел. Девет велешани кои како туристи беа во Тел Авив се вратија дома.
Туризмот во Израел е еден од главните извори на приход. Земјата имаше рекордни 4,55 милиони пристигнувања од туристи во 2019 година. Eрусалим е еден од најпосетуваните градови.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
