Изненадување: Поништен тендерот за земјиштето кај „Веро“
Тендерот за продажба на атрактивната локација кај НБРМ по цена од 71 денар за метар квадратен се поништува, одлучи Mинистерството за транспорт и врски.
Одлуката за отуѓување на градежната парцела од 2.855 метри квадратни сепак не е поништена заради ниската цена, туку затоа што во меѓувреме три лица се пријавиле дека поседуваат дел од земјиштето.
Ова градежна парцела на тендерот минатата недела ја купи единствениот понудувач – Друштвото за трговија промет и услуги „Амадеус Стоун ДООЕЛ“ од Скопје.
На локацијата, оваа компанија требаше да изгради хотел на седум ката со приземје, поткровје и подземен паркинг, а условот беше фасадното решение на објектот да биде во барок стил.
Ниската почетна цена на земјиштето од само 61 денар за квадратен метар предизвика реакции во јавноста, а градоначалникот на Центар Андреј Жерновски побара лицитацијата да се поништи.
Се до денеска, Министерството за транспорт и врски не гледаше никаков проблем во продажбата на локацијата, а во последното соопштение објавено вчера и јавно го запраша Жерновски „врз основа на кој член од Законот за градежно земјиште бара поништување на јавното наддавање, дали е свесен дека доколку се поништи истата, државата ќе треба да плаќа казни, предвидени со законската регулатива и го покануваме да каже што е незаконско во постапката за отуѓување на земјиштето?“.
Слично
