ИЗМАМНИЦИ ЅВОНАТ ОД СКРИЕН БРОЈ: Полицијата ги предупреди граѓаните да не наседнуваат на измами со сообраќајки
Од полицијата ги предупредуваат граѓаните на измами со лажни сообраќајки и порачаа дека треба веднаш да пријават кај нив.
Во изминатиов период се пријавени повеќе кривични дела „измама“. Жртвите се повозрасни лица.
„Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша глас кој бара помош“, се вели во соопштението.
Полицијата презема мерки за расчистување на случаите. Веќе неколку години измамници на ваков начин се обидуваат или успеваат од луѓето да извлечат пари. Имаше и изманипулирани граѓани кои останаа без поголеми суми на пари.
