Економија, финансии, бизнис

Контакт

Изјавата на Венко Филипче ги скара Манчевски и АВМУ

Изјавата на Венко Филипче ги скара Манчевски и АВМУ

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) непријатно е изненадена од вчерашниот фејсбук-статус на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски дека Агенцијата е политизирана затоа што поднела прекршочни постапки против Телма и Алсат – М за прекршување на изборниот молк, велат денеска од Агенција.

„Министерот, или не го познава Изборниот законик или вообичаено, кога е Агенцијата во прашање со сите сили се обидува да ја дискредитира нејзината работа како би ја остварил зацртаната партиска агенда. Во спротивно, би знаел дека Агенцијата не е цензор туку согласно законските надлежности кои и се дадени го следи изборното медиумско претставување и доколку констатира прекршувања, покренува прекршочни постапки, велат од АВМУ.

Додаваат дека за време на изборниот молк, медиумите, меѓу другото, не смеат да емитуваат изјави од носители на функции во органите на власта и тоа е изричито наведено во Изборниот законик. Изјава дадена во својство на министер е изјава на носител на функција во органите на власта. Според, нив, воопшто не е спорно дека можат да се даваат информации во врска со состојбата со корона вирусот и активностите на здравствените власти и во време на изборен молк, но не од самиот министер.

„Симптоматично е и што министерот Манчевски не смета дека Агенцијата е цензор и за Првиот програмски сервис на Македонското радио против кого исто така беше поднесена прекршочна постапка за прекршување на изборниот молк. Можеби затоа што прекршокот беше сторен со емитување изјави на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев? Како и досега, Агенцијата не направи разлика меѓу партиите и прекршочни постапки беа поднесени поради изјавите и на Венко Филипче и на Наќе Чулев. Во овој контест, го повикуваме Манчевски да го прочита Изборниот законик пред јавно да изнесува или да споделува мислења, велат од АВМУ. 

Министерот Манчевски вчера на фејсбук  објави дека Министерството за информатичко општество и администрација, како надлежно министерство за медиумите, целосно не се согласува со поднесените прекршочни пријави од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против телевизиите Телма и Алсат-М, заради пренесена изјава на министерот за здравство Венко Филипче, за време на изборниот молк.

„Двете телевизии на никаков начин го немаат прекршено Изборниот законик, со оглед на тоа што министерот Филипче изјавата ја дал во својство на министер и во врска со здравствената криза предизвикана од вирусот Covid-19. Дополнително, министерот Филипче не беше на ниедна од кандидатските листи за Предвремените парламентарни избори 2020 година. Во време на светска пандемија и редовно дневно информирање од страна на Министерството за здравство во врска со вирусот, за нас е несфатливо како регулаторот може да ја смета оваа изјава како прекршување на изборниот молк.

Ова е само последен од многуте примери за политизација на АВМУ. Но, ова е веќе и тенденција за цензурирање на медиумите, нарушување на правото на граѓаните да добијат информации во однос на кризата, како и директно мешање на АВМУ во изборниот процес, напиша Манчевски. 

Слично

Поврзани вести