Изградбата на Лунапаркот е ветување кое се врти пред секои избори
Градот Скопје конечно избра изведувач за реконструкција на Лунапаркот во Скопје кој се ветува од самиот почеток на првиот мандат на градоначалникот Коце Трајановски и со години се одлужува. Сега е соопштено дека изградбата ќе започне следната година за до летото да бидат поставени првите нови забавни содржини, а ќе има повеќе фази на инсталација на реквизитите.

- Градот Скопје веќе избра изведувач кој треба да ги направи градежните работи и партерното уредување во Луна паркот. Тоа ќе оди фазно во зависност од динамиката на набавката на справите и реквизитите. При крај е изборот на фирмите кои треба да ги донесат и монтираат справите, се надевам дека изборот на тие фирми ќе заврши за неполн месец. Очекуваме дека следното лето во 2017-та година тие справи ќе дојдат и тој дел ќе биде исто така партерно уреден, изјави градоначалникот Коце Трајановски.
Во изминатите години имаше повеќе измени на идејниот проект, а не успеа намерата да се најде концесионер кој ќе оперира со Лунпаркот 35 години. Новата вредност на изградбата се проценува до 6 милиони евра и се очекува да биде целосно завршена во 2019-та.
