„ИЗГЛЕДА ПОВТОРНО МОРАМ ДА ВЕ ПОДУЧУВАМ, НЕ ПО ЖЕЛБА, ТУКУ ОД ПОТРЕБА“: Костадинов ѝ направи список на министерката за финансии за тоа што сѐ одбегнала досега
Не стивнуваат прозивањата на министерката за финансии, од страна на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов. Откако тој нагласи дека таа одбила да потпише решение за вработување во градинките, овој пат и направи список за сите негови предлози кои таа досега ги одбегнала а кои биле потребни за Струмица.
„До министерката за финансии, со сета почит што ѝ припаѓа на функцијата – но и со потребната доза реалност што самата ја нема.
Госпоѓата Димитриеска-Кочоска, изгледа повторно морам да ве подучувам – не по желба, туку од потреба. Во институционален систем, кога до Општина Струмица пристигнува некој документ, без разлика дали доаѓа од власта, опозицијата или од месна заедница, истиот протокуларно се процесира и се препраќа до соодветен сектор или институција. Така функционира системот. Така функционира одговорно управување.
Тоа што Вие, министеркe, решивте да игнорирате над 50 официјално испратени барања за состаноци, предлози и иницијативи од Општина Струмица – тоа е веќе Ваш избор. Но, кога по сета таа тишина, решавате да се фатите за еден обичен допис потпишан од вашата партиска советничка група и од тоа правите спектакл — тоа не е политика. Тоа е евтин политички театар.
Ајде да се потсетиме што сѐ одбегнавте:
1. Поврат на ДДВ на ЈСП „Струмица транспорт“ – веќе над 70.000.000 денари, пари што им следуваат на граѓаните.
2. Одговор за задолжување на ЈП „Струмица Гас“ – потребно за болници, градинки, училишта, компании и домаќинства.
3. Решение за финансиска стабилизација на ЈП „Комуналец“ – поради долг кон АД „Водостопанство“.
4. Согласности за вработување во градинките „Виножито“ и „Детска радост“ – по основ на отказ, пензионирање и смрт. Основна човечка и институционална одговорност.
И по сето тоа, некој ќе праша: зошто не дојдов на состанокот? Одговорот е едноставен – затоа што не прифаќам состаноци зад затворени врати со луѓе што не слушаат, а уште помалку разбираат.
Јас, како градоначалник, нема да дозволам Струмица да биде заложник на политички калкулации и нема да дозволам граѓаните да плаќаат цена за институционален инает.
За жал, министерката останува како што е. Ние, пак, си ги решаваме проблемите сами – достоинствено, одговорно и со љубов кон градот.
Затоа Струмица оди напред. А другите – ако не можат да помогнат, барем нека не пречат“, напиша тој.
Слично
