ИЗДАВАЊЕ НА СТАНОВИ ВО ВНАТРЕШНОСТА: Во некои градови со месеци се чекаат потстанари
Во градовите во внатрешноста на Македонија интересот за изнајмување на станови е различен, но има и места каде со месеци се случува становите да стојат празни додека да се јави некој потстанар.
Во становите се сместуваат студенти онаму каде има универзитети, луѓе кои мигрираат на релација село – град, понекогаш и луѓе кои заради работа се преселиле од еден во друг град бараат ново живеалиште или пак туристи кои изнајмуваат станови за неколку дена.
Луѓето кои издаваат недвижнини во помалите градови, велат дека во просек кириите се движат од 100 до 200 евра, а доколку се работи за полуксузно опремен и поголем стан, тогаш и цената е повисока.
„Во Кочани луѓето се жалат дека кириите се високи затоа што платите не се многу големи. Но, зависи кој што бара, локација, како станот е уреден, од тоа зависи и цената. Јас од пред неколку месеци имам пуштено оглас и уште немам потстанари. Се јавуваат прашуваат, но засега нема ништо“ – вели Виолета Јанчевска.
Снежа Генчевска од Кавадарци го тврди спротивното и вели дека во нејзиниот град се бараат станови затоа што Кавадарци е општина каде има работа, има и компанија на странски инвеститор каде се вработуваат луѓе од други градови. Со тоа интересот и потребата од издавање на станови е зголемена.
„Има голема побарувачка за изнајмување на станови, затоа што има луѓе од Велес, Прилеп, па и од други места кои тука работат. Просечната цена е некаде околу 200 евра. Нормално дека на оној кој ги дава парите му се чини скапо, а оние кои од тоа заработуваат мислат дека е малку“- вели таа.
Издавачите на станови во Гевгелија објаснуваат дека последните две до три години работите во нивниот град се тргнати на подобро, и се бараат станови.
„Сум издавал на Грци, Турци, на лекари, на конфекционери, на луѓе од секакви професии. Сега имам двајца странци кои се најавија дека ќе престојуваат пет дена. Претходно не одеше затоа што странците ја „паднаа“ цената, односно имаше поголема понуда од побарувачка. Сега може и да се покачат цените, но ќе оди тешко“ – раскажува гевгеличанец.
Гого С. од Битола вели дека сега повремено има потстанари за разлика од порано, а преку лето кај него стан изнајмуваат и гастербајтери.
„Во лето има повеќе јавувања за изнајмување. Сум имал луѓе од Канада, Австралија кои се тука дојдени на одмор, мислам на наши луѓе, гастербајтери. Инаку, станот не ми е издаден цело време, туку само повремено. Факторите најверојатно се тоа што луѓето се селат кој во Скопје, кој во странство“- додава Гого С.
Во соседниот град Прилеп издавачите велат дека преку лето кога се одржува Пиво фестот и купот на параглајдери во Крушево има навалица, а освен домашни гости, доаѓаат и странци на кои им е потребно сместување.
Сања Атанасовска
