Избрани најдобрите илустрации за „Современите бајки од Македонија“ на Движењето за креативност Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и „Арс Ламина“
„Современите бајки од Македонија“ го добиваат својот конечен лик. Креативните концепти изработени од Катерина Соколова, Јована Велинова-Трајанова, Орце Нинески и Иван Коминовски се победнички решенија на отворениот повик за изработка на креативни илустрации на проектот „Современи бајки од Македонија“. Илустрациите на Катерина Соколова за бајката „Бакнежот на пролетта“, Јована Велинова Трајанова за бајката „Перуника“, Орце Нинески за бајката „Сончевото момче Ил“ и Иван Коминовски за бајката „Осаменото дрво“ ќе ги раскажуваат визуелно овие современи бајки, што ќе бидат отпечатени до крајот на годината.
Авторите на илустрациите ќе добијат парична награда во вкупен фонд од 140.000 денари или по 35.000 денари поединечно за секое креативно решение. Отворениот повик за изработка на креативни илустрации беше распишан во рамките на најновиот проект „Современи бајки од Македонија“ на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“. Повикот предизвика голем интерес, пристигаа 96 апликации од 61 автор.
На отворениот повик за илустратори и дизајнери му претходеше конкурс за избор на најдобри современи бајки. На овој конкурс беа одбрани бајките: „Перуника“ од авторот Сибо, „Бакнежот на пролетта“ од авторката Елизабета Баковска, „Сончевото момче Ил“ од авторката Катерина Данаилова и „Осаменото дрво“ од авторката Нина Максимова. И за овој повик имаше голем интерес, конкурираа 316 автори со 442 бајки.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“, во изминатиот период ги реализираа проектите „Бајки од Македонија за цела година“ и „Басни од Македонија“, кои постигнаа голем успех. Дел од нив се преведени на седум јазици, на Брајовото писмо, наградувани во светот и дома и се едни од најпродаваните книги за деца кај нас.
