Изборна кампања: Кандидатите за градоначалници како магионичари и наши најдобри пријатели
Насмеани, пријателски расположени, полни со разбирање, сочувствуваат со вашите маки, подготвени да ви помогнат да го решите секој ваш проблем. Не, ова не се вашите најдобри пријатели, туку кандидатите за градоначалници на изборите на 15. октомври. Во текот на предизборната кампања овие партиски избраници и независни кандидати ги гледаме на секој чекор. На телевизија, на билборди, на пазар, во фризерски салони, месарници, спортски сали. На радио повеќе слушаме предизборни ветувања отколку музика, а социјалните мрежи се пребукирани со слики од слогани и бројки, за кого да гласаме. Немаме оддишка ни дома, оти ни доаѓаат на врата за да ни кажат и лично што ќе сторат за нас ако го дадеме гласот за нив на изборите.
Градоначалниците од коалицијата предводена од СДСМ на овие локални избори имаат покреативна кампања при средбите со граѓаните. Освен традиционалните тет а тет разговори, нивните кандидати организираат и дебати на отворено каде секој жител на општината може да постави прашање. За разлика од нив, кандидатите предложени од ВМРО-ДПМНЕ останаа на секојдневниот начин на водење на кампања, без многу иновации во испраќање на пораките до гласачите.

Кандидатот на СДСМ за Скопје, Петре Шилегов, кампањата ја почна со возење велосипед на кеј, беше на пазар, а вчера можеше да се види и како мие автомобили во една автоперална во Скопје.

Актуелниот градоначалник и негов противкандидат, Коце Трајановски, оди низ скопските маала, има средби со разни групи на граѓани, а облече и спортски дрес и беше на натпревар да го бодри Вардар од трибините.

Во Битола силите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си ги одмеруваат Наташа Петровска и Зоран Илиоски.

Таму на пример, двајцата кандидати објавиле на своите Фејсбук профили дека биле да ја посетат Градската куглана, па Петровска дури и куглала.

Актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, својата кампања претежно ја насочува кон повозрасните граѓани, па средбите му се „од нога“.

Неговиот пак помлад противкандидат, Стефан Богоев, освен посетите на граѓаните по домовите, средбите и митинзите, заедно со неговите сопартијци се фатија за гребло, па имаа акција за чистење на зеленилото во оваа општина како дел од кампањата.

Еден од поекстремните чекори во кампањата, иако предизборие па се е можно, е боењето на пешачкиот премин лично од кандидатот за градоначалник на општина Чаир, Висар Ганиу, во близина на основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Чаир. Тоа го сторил со цел, како што рече, да ги заштити децата од сообраќајни несреќи.
На локалните избори во трка за градоначалник се вкупно 260 кандидати, од кои 238 се партиски избраници, а 22 се независни кандидати. Од нив само 15 се жени, останатите се од посилниот пол.
Најмногу кандидати за градоначалници има коалицијата предводена од СДСМ – 70, а коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има еден помалку, односно 69. Причината поради ова е општината Карпош, каде ВМРО-ДПМНЕ не предложи свој кандидат, па во битката за градоначалник на оваа скопска општина се Стефан Богоев од СДСМ и Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник од ГРОМ, кого ќе го поддржат гласачите на партијата на Никола Груевски.
Најмногу кандидати има во трката за градоначалник на Скопје - осум. Коце Трајановски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Петре Шилегов од коалицијата предводена од СДСМ, Марија Џонс од Левица, Ванчо Шехтански од ТМРО, Нафије Селмани од БЕСА, Беким Фазлиу од ДПА, Наим Бајрами од Алијанса на Албанците, Ѓорѓи Тодоров од Народно движење на Македонија.
Некаде сме на половина од кампањата, а веќе сме бомбардирани со ветувања за поубав живот и нова ера од сите партии. Првиот круг е на 15. октомври, а дотогаш сигурно не очекуваат уште многу предизборни активности, кои колку и да се трудиме, не можеме да не ги забележуваме.
Сепак, колку и да се лажни и неостварливи ветувањата, за време на кампањата во центарот на вниманието на партиите и на луѓето кои од нив ја бараат довербата се граѓаните, од чии гласови зависи кој ќе ја освои локалната власт.
Ј.М.
