ИЗБОРИ 2017: Младеновски – Демократија без дебата е автократија!
И во изборен циклус политичарите покажаа отсуство на политичка зрелост за дебатни соочувања. Демократија без дебата е автократија, вели за “Фактор“ социологот Славе Младеновски. Смета дека вина за отсуство на дебата имаат и дел од медиумите, кои на некој начин, наместо правилата на професионалното новинарство, ги прфатија правилата на “партијата“. Како се оценува стартот на изборната кампања за локалните Избори 2017 и што бегството од соочување на аргумети? Еве го ставот на магистерот, социолог Младеновски.
“Во Република Македонија формално постојат демократски институции што се неопходен услов, но не и доволен општеството да биде демократско. Реалноста во македонското општество е поинаква кога се гледа објективното функционирање и објективно функционирањето на институциите што ја симболизираат и преку кои граѓаните ја практикуваат демократијата. Во македонското општество во изминатиот период и покрај тоа што формално постојат демократски институции, главно беше применувана и остварувана автократската форма на владеење и од една страна и беше негуван поданички менталитет кај населението, од друга страна“ – вели социологот Младеновски и додава:
“Во општество во кое нема дебата за битни општествени и политички прашања и проблеми меѓу различни и спротивставени општествени групи и поединци, тоа е првиот симптом дека насоката на движење на општеството а не во општеството е спротивна во однос на таа во која треба да се движи. Таа тенденција на движење во општеството, а не на општеството е индикатор дека општеството се движи во правец на автократското и го напушта демократското владеење. Дебатата се пренесува на улицата, каде што нема правила и најчесто завршува со навреди“.
Генеза: дебати и бегство од дебати ...
“Во современото македонско општество, кое пред 25 години започна да ја негува дебатата меѓу поединци со различни политички погледи, најлошото што можеше да му се случи беше –избегнување – укинување - забрана на дебата. За прв пат, како сопствена политичка определба и како разработена методологија за „доближување“ до населението, дебатата во 2006 година ја избегнуваат претставниците на опозицијата кои беа потоа 11 години власт. Таа власт ја „разбра“ пораката од своите гласачи и поддржувачи дека тоа е „формула за успех“. Имено, сфаќањето дека „успехот“ на изборите без политичка дебата дава резултат, придонесе оваа политичка определба да биде надградена и да биде прифатена од поддржувачите. Другите што тоа го забележаа не можеа да допрат до мнозинството од населението и беа немоќни да укажат на многубројните опасности до што води таквиот однос во политиката од еден политички субјект што ја има власта“ – вели Младеновски објаснувајќи дека таа власт станува сериозна закана за функционирањето на демократските институции, за државните органи и доведува до заробувањето на општеството со поданички менталитет на мнозинството од населението.
“На македонското општество тоа му се случи. Неопходен услов беше „бината“ каде што таа дебата се одвива или беше потребна подготвката на теренот. Најголемиот дел од електронските медиуми со национална концесија и некои од печатените медиумите беа таа бина, каде што се вршеше промоција на владејачката политика со учество на претставници од власта, а без можност да се слушне критичко мислење од која и да е друга релевантна општествена група. Општеството во кое постојат кревки демократски стандарди, ниско ниво на политичка култура и недоволна и слаба критичка мисла за политиката што ја води власта, лесно станува заробено од авторитарната власт“ – заклучува Младеновски.
Вината треба да се бара и кај медиумите ...
Услугата за давањето на „бината“ на неограничено користење од дел од медиуми, денес знаеме дека била платена и дека најголема жртва бил граѓанинот во задоволување на една од основните негови потреби во демократското општество, а тоа е објективното информирање, обаснува социологот Младеновски.
“Некои од медиумите се уште имаат „проблем“ со перцепција на општествената реалност, а причината за тоа не е лошиот вид, туку задолженоста од претходниот период за што имаат обврска на нарачателот да му испорачаат уште милиони часови за парите што ги добиле. Нивниот поглед на информирање се уште е контаминиран и ќе требаат големи и длабоки промени да уследи деконтаминација. Во блиското минато вистината е дека дебатата ја „укинаа“ медиумите, бидејќи во емисиите од таков вид не доаѓаат политички претставници со различни ставови и погледи. Политичката партија што ја освои власта без дебата оцени дека во најголем дел од медиумите е подобро нивни членови да не учествуваат во дебати со личности од спротивставената политичка партија. Претставниците на тогашната власт ги игнорираат медиумите, каде што знаат дека нема да добијат „договорени прашања“ во интервјуто. Претставниците на тогашната опозиција не гостуваат во медиуми блиски до власта, бидејќи не се поканети, од една страна и во емисии што ги водат новинари што се на платниот список на власта, затоа што знаат дека не треба да одгвараат на прашања, туку да се бранат од констатации, напади и навреди од новинарот, од друга страна“ – вели социологот Младеновски.
Зошто нема дебати ...
“Денес, кога се бара одговор на прашањето зошто нема дебати меѓу власта и опозицијата и дали состојбата е различна од претходно, може да се констатира дека нема разлика во ставовите кај политичките партии во евидентно различната општествена состојба во која се наоѓаат медиумите. Реализираните неколку дуели на различни телевизии, каде што речиси нема битно учество новинарот, покажа ниско ниво на дебата, примитивизам, кавги и навреди, без чувство за полемика, за расправа по ставови и за поседување демократска култура меѓу соговорниците. Во таква реализација на дебата никој од соговорниците не добива подобра слика за себе во очите на јавноста, туку ги губи гласовите од неопределените. Политичките партии оценуваат дека е подобро да не учествува во дебата нивниот кандидат за градоначалник на претстојните локални избори со политичкиот противник и негов против кандидат. Според нив нема добивка пред граѓаните и гласачите со учеството во дебата во која се претпоставува или се очекува да дојде до израз ниското ниво на политичка култура до степен на примитивизам на другиот соговорник или да не може да се соочи со критика и реално соочување на политиките што се водат и што би се воделе ако се освои власта. Кандидатот оценува дека дебатата носи ризик да направи лош настап и да го намали својот политички рејтинг и кај своите поддржувачи, затоа што против кандидатот го соочил со обвиненија за криминал и злоупотреба на функцијата додека ја врши функцијата. Избегнувањето на дебатата од се уште локалните властодржци не е страв како психолошко чувство, туку процена како резултат на анализа дека загубата ќе биде поголема од добивката по дебатата кај своите поддржувачи, а уште поголема кај неопределените“ – вели Младеновски и заклучува:
“По 11 години авторитарна власт без критички медиуми, со доминантен поданички менталитет, не може по три месеци промана на власта да се очекува значителелно зголемување на демократскиот капацитет на општеството и мнозинството гласачи да го осуди и казни секој политички субјект и неговите кандидати што не се појавуваат во дебата“.
Д.А.