ИЗБОРИ 2017: Блажевски-Политиката го потценува гласачот!
Отсуство на конкретни изборни програми кои ги тангираат граѓаните на локално ниво, отсуство на дебата и мешањето на “големата“ политиката на општинско ниво. Ова според новинарот Тео Блажевски се клучните карактеристики што ја “бојат“ изборната кампања за овие локални избори. Во став за “Фактор“, Блажевски ги изнесува своите агрумени за недостатоците на кампањата, оценувајќи дека повторно политиката го потценува гласачот.
Каде се изборните програми ?
Според новинарт Блажевски, три карактеристики „штрчат“ уште на прв поглед, после неколкудневната кампања за локалните избори 2017 година.
“Првата која мене лично како граѓанин-гласач, но и како новинар многу ми пречи, е речиси целосното отсуство на програми кои би биле јасно поставени на веб страниците на партиите или нивните кандидати. Иако е масовно раширено мислењето дека програмите никој не ги чита и дека партиите или кандидатите често знаат да ја пренебрегнат програмата и да фатат друга агенда по освоената победа, искуството од последните петнаесетина години покажа дека не е така. Програмата е клучен документ преку кој се гледа визијата и мисијата на кандидатот што му се предлага на гласачот“ – вели Блажевски и додава:
“Практиката што најмногу ја наметна ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку изборни циклуси, а која на овие избори отсуство и кај нив - со прецизни проектни ветувања и со даден рок на реализација, притоа и со проценети потребни финансиски средства, е добра практика која на граѓанинот-гласач му овозможува да создаде генерална слика дали напишаното соодветствува на приоритетите во неговата локална, па и поширока, регионална средина или не. Како одминува мандатот, граѓанинот -гласач, сам и со помош на медиумите може да направи проценка дали ветеното останало празен збор или пак е реализирано. Со таков пристап, како минува времето добиваме многу пообразован граѓанин-гласач од една страна, а од друга притисок врз политичарите за поголема одговорност“.
Во прилог на оваа теза, Блажевски наведува два примери.
“Прво, ветувањата за почиста животна средина и за решавање на проблемот со отпадите, дадени во 2013 година на тогашните локални избори, денес се едно од клучните прашања по кои во многу општини во Македонија ќе биде даден гласот на еден или на друг кандидат. Второ, ветувањата за решавање на клучните инфраструктурни проблеми - надземна и подземна инфраструктура (која подразбира атмосферска и фекална канализација), се исто така клучно прашање по кое ќе се дава или одзема глас.
Да заклучам, отсуството на програми со мали исклучоци околу поголемите градови, е тренд кој укажува на уназадување на политичката култура, на однесувањето на партиите и на потценување на граѓаните-гласачи“ – нотира новинарот.
Бегство од дебати ...
Втората видлива каратеристика, според Блажевски, е повторното отсуство на дебати .
“Со чесни исклучоци, партиите што се борат за довербата на граѓаните, особено ВМРО-ДПМНЕ, одново се однесуваат „аутистично“ кон потребата на граѓаните да дебатираат за разликите во нивните визии и мисии за општеството кое претендираат да го водат. Тоа што продолжува практиката на себе промовирање само на „своите “ меинстрим медиуми е „убиство со умисла“ врз јавноста и недозволиво потценување на граѓаните, арогантен приказ на себе видувањето како „елита“ во општеството, која нема потреба во детали да образлага за своите-нивните „големи политики“ , за кои обичниот граѓанин нема потреба да се заморува“ – оценува новинарот и додава:
“Само како пример - „Ќе го направиме Скопје зелено повторно“...Што значи оваа реченица ако конкретно не се издебатира со друг кандидат, при што во дебата, на пример, ќе излезе на површина фактот дека Скопје со децении нема т.н. Зелен катастар или дека последните податоци за тоа колку хектари се под зелена површина можете да ги најдете кај професорка од Бугарија која правела докторат на таа тема? Или уште еден пример - „Ќе изградиме пречистителна станица за отпадните води од Скопје и Вардар ќе стане река со води од втора категорија“...Оваа реченица-ветување, што конкретно го имаат двајцата водечки кандидати за градоначалници за Скопје не значи ништо! Зашто само преку дебата, јавноста евентуално може да дознае дека таква постројка е проценета на 100 милиони евра (приближно колку годишниот буџет на Скопје), дека е проценето од стручната јавност дека може да биде изградена некаде околу 2040 година и дека за тоа да се случи треба други милионски инвестиции како предуслов во колекторски системи на двата брега на Вардар, плус пречистителни станици на западниот дел од Скопје, каде Вардар влегува во градот“.
Без дебати, вели Блажевски, Македонија и натаму ќе остане „клоака“ на Европа и другиот цивилизиран свет, во поглед на демократијата.
“Голема“ политика на локално ниво ..
Третата карактеристика, која со помал или поголем интензитет се повторува на сите локални избори од независноста до денес, според новинарот Блажевски, е мешањето на прашањата од големата политика, онаа што е резервирана за парламентарните избори.
“Однесувањето во досегашниот тек од кампањата на лидерите на двете најголеми политички партии недвосмислено покажува дека нивните партии не се подготвиле прецизно и навреме за овие локални избори и дека отсуството на прецизни програми сакаат да го компензираат со големи говори за борба против криминалот, корупцијата, економијата, ЕУ&НАТО...Со тоа воедно покажуваат дека се надеваат на гласот на граѓаните на локално ниво, врз ехото од неодамна завршената политичка криза. Двете прашања иако се поврзани, се многу, многу оддалечени“ – заклучува Блажевски.
Првиот круг на локланите избори ќе се одржи на 15 октомври. Овие избори се сметаат за значајни од два аспекти – превласт на локално ниво и тест за вкупниот демократски капацитет на државата.
Д.А.