Економија, финансии, бизнис

Контакт

Изборен фактор: Дали Заев го врати ВМРО и претрпи прв пораз од Мицкоски?

Изборен фактор: Дали Заев го врати ВМРО и претрпи прв пораз од Мицкоски?

Прва шлаканица на избори откако Заев е на власт и е доделена на СДСМ. Расположението на гласачите кое очигледно е опозициско треба да делува отрезнувачки за владејачката гарнитура која спас ќе бара во вториот изборен круг во повеќе општини од противникот.

Изборите поминаа без некоја голема еуфорија и очекувања за спектакуларни промени. Тоа го покажува самата излезност од околу 50% и покрај долгата и сеприсутна кампања на политичарите изминатиот период. 

Но, истовремено има и замор кај власта и нејзините поддржувачи. Да не се врати режимот повеќе не пали како тактика на застрашување. Па дури и Мицкоски ја забележа првата изборна победа ако се земе првиот круг во предвид по сите порази во изминатите четири години.

Кој го потопи Заев?

За Заев до неделата се сметаше дека вака или онака како и секогаш ќе успее да направи „комбинација" и да собере доволно партнери и „шуто и рогато" и повторно да победи дури и во ситуација кога власта разочарува со борбата со корупцијата и испорака на суштинските реформи. 

Дури и невладиниот сектор и либералната клапа кои традиционално биле блиски до СДСМ или посуштински оддалечени од ВМРО-ДПМНЕ овој пат не паднаа на застрашувањата дека еве режимот само што не се вратил. 

Неуспехот на власта да се справи со урбаната мафија, па дури и зголемената бетонизација како и очајната состојба со загадувањето, отпадот, загрозување на животната средина но, и застој во капиталните инвестиции го смени расположението кај просечниот гласач кој не е цврсто партиски определен, а се уште има волја да излезе на избори.

За прв пат лоши сигнали за Заев дојдоа и од американската амбасада и тоа на денот на изборите дека има сомнежи за над 80 вооружени криминалци со задача да го спречат слободното изразување на граѓаните. Можеби во последен момент гласачите не би го смениле многу нивното мислење, но ваквиот потег допрва ќе треба да се анализира, особено што беше спроведен јавно и алармирачки, а не тивко и директно преку институциите на системот.

Внатрешно Заев ќе стрепи и за досегашната поддршка од коалицијата. Истапувањето на ЛДП и ДОМ на посебни листи не мора да значи и пад на владата уште денес, но дали овие партии во вториот круг ќе бидат сламката спас за Заев е клучно прашање. Истото важи и за БЕСА како владин коалиционер која има свои математики и очекувања. Вториот круг може да ги врати работите во колосек за Заев кој сака да го закочи „Мицко".

Надојдениот Мицкоски и налетот на опозицијата

Пред вчерашното гласање најверојатно малкумина очекуваа дека опозицијата може да победи во десетина општини со леснотија уште во првиот круг. Иако имаше и такви прогнози тие беа тивки и со голема доза на резерва. Сепак, и покрај не толку идејната и свежа кампања ВМРО-ДПМНЕ успеа да нанижи успеси во Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Гази Баба и да се надева на победа во град Скопје во втор круг на Данела Арсовска. 

ВМРО-ДПМНЕ се издигна над политиките на Заев на централно ниво и победува или води во урбаните средини речиси насекаде низ поголемите градови како Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Гевгелија, Неготино, а го задржа и Кавадарци. Во помалите општини губи понудата на десницата, а нема ни надеж за пресврт во бастионите на СДСМ како Центар, Карпош, Струмица, ниту да го искористи судирот со Максо во Куманово.

Од друга страна пак, оптимизам влева успешната коалиција со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Двете страни имаа тешкотии да го сменат наративот од минатото кој им лепеа противниците, но успесите на терен се добар почеток и веќе во вториот круг може да бидат уште поголеми ако опстои стабилноста на коалицијата.

Третата опција и подемот на Апасиев

Без многу филозофии Левица е трета политичка сила во Македонија. Со околу 50 советници Апасиев веќе ќе има влијание на локално ниво во речиси 40 општини, а во м многу од нив ќе има и улога на тас на вагата за носење на одлуките на мнозинството. Апасиев дури има и комотна позиција во вториот круг каде од него ќе се бара за дополнителна поддршка за заверување на победата и окрупнување на гласовите.

Независните листи и кандидати веќе направија и повеќе од доволно. Зелената агенда, не таа која ДУИ си ја залепи со промена на бојата на постерите, туку онаа на вистинските граѓански листи доминираше во ветувањата на сите партии. Независните зелени имаат мал пробив со бројот на советници и со директното учество се позитивен пример дека политики може да се креираат и надвор од двата блока кои наизменично владеат 30 години.

Шаренолито во советите и може да помогне. во наметнувањето на барањата за вистинска борба со загадениот воздух, справување со урбаниот хаос и подигнување на квалитетот на живот.

И ако ја тргнеме настрана партиската еуфорија или разочараност, животот во Македонија ќе продолжи и по изборите, а проблемите нема да исчезнат магично ни со промени во градоначалнички фотелји. Апатијата на граѓаните, недовербата во институциите, немањето перспектива и се поголемиот тренд на иселување нема да се решат со празни ветувања и „курто-мурто" политика. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести