Избегал од затворот „Идризово“, ограбил 10.000 евра и го заклучил вработениот од обложувалницата
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 48-годишникот од Куманово, кој откако вчера избегал од затворот “Идризово”, со употреба со огнено оружје и закана дека непосредно ќе нападне врз животот на едно лице, извршил разбојништво во обложувалница.
Претходно МВР објави дека станува збор за разбојникот Д.К. од Куманово. Тој бил фатен веднаш откако со закана со пиштол одзел пари од вработен во спортска обложувалница на ул.„Благоја Стефковски“ во Маџари.
„Осуденото лице избегало од КПУ „Идризово“, каде требало да издржува казна затвор заклучно со јануари 2027 година. Потоа тој дошол до обложувалница во населбата Маџари, влегол во објектот и од зад грб му пришол на вработениот. Му се заканил со пиштол и го принудил да ги извади парите од сефот и да ги стави во црна најлонска вреќа. Самиот осомничен продолжил да пребарува по фиоките каде пронашол уште пари и ги ставил во вреќата.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска став 1 од Кривичниот законик и се стекнал со противправна имотна корист од 593.525 денари“, информира денеска ОЈО.
На излегување, го одзел клучот од влезната врата на просторијата за наплата и откако излегол од просторијата го заклучил вработениот внатре. При бегањето, осомничениот го забележале полициски службеници кои го лишиле од слобода во близина на местото на настанот.
Иако се работи за осудено лице на издржување затворска казна, постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, а и особени околности укажуваат на тоа дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, соучесници, прикривачи и го оправдуваат стравот дека тој ќе го повтори или ќе стори ново кривично дело. Од тие причини јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
