Ивановска за сопругата на Ристовски: Има и лажни информации по допрен глас
Билјана Ивановска, претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата, во емисијата Топ Тема на Телма рече дека сопругата на поранешниот министер за образование Спиро Ристовски била вработена во некој друг фонд,а не во МАПАС, според случајот што беше отворен на последната седница на Антикорупциска.
Од МАПАС веднаш ја демантираа веста дека извесната Маја Ристовска никогаш не добила работно место кај нив, по што вчера тоа го потврди и првиот човек на комисијата.
- Тоа беше случај што беше отворен по допрен глас. Исто таков беше и за ќерката на пратеничката Емилија Александрова, за која излезе дека не ни аплицирала за вработување во Фондот за иновации. Значи, има и лажни пријави кои ние мораме да ги земеме во предвид и да ги провериме - рече Ивановска.
Таа тврди дека целта на комисијата е сите фази од истрагата да ги соопштат транспарентно пред медиумите и затоа не се чека да се провери одредено вработување кое наводно е поврзано со непотизам туку веднаш се објавува.
За вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска во АД ЕЛЕМ таа ги демантираше медиумите дека комисијата веќе утврдила решение дека е неправилно селектиран за работното место и им порача на новинарите да не избрзуваат со вестите затоа што членот кој го работи тој случај во моментов е на слижбен пат.
Додаде дека во иднина институцијата ќе бара од законодавниот дом да ги регулира ваквите вработувања со прецизно утврдување, односно ограничување на „дискреционото право“ на органите, јавните претпријатија, агенции, дирекции и фондови на кого ќе му дадат работно место.
