Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ивановска: Не сакам да верувам во политички притисок

Ивановска: Не сакам да верувам во политички притисок

Поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска денеска беше на распит во Обвинителството, по што кажа дека не сака да верува во политички притисок,  и дека предизборието е тест за демократијата. 

Пријавата, како што изјави по излегувањето од Обвинителството, е поврзана со предмет што бил отворен во времето кога таа ја предводеше Антикорупциската комисија. Подносителот ја обвинува Ивановска за несовесно работење, односно за начинот на кој предметот бил презентиран пред јавноста.

„Во конкретниот случај беше оформен предмет по сопствена иницијатива од член на комисијата, предметот се обработуваше и заврши без никакви сомнежи. Спорно за пријавувачот било тоа како комунициравме со јавноста. Вие знаете дека како ДКСК бевме премногу транспарентни, можеби и повеќе од очекуваното, но тоа е прашање на пристап“, изјави Ивановска.

Таа не го откри името на подносителот, ниту пак конкретниот предмет за кој се поднесува пријавата, нагласувајќи дека тоа ќе биде познато кога Обвинителството ќе ја донесе својата одлука. 

„Ми беше посочено да не споделувам повеќе детали за да не се попречи постапката. Кога ќе ми биде доставена одлуката, ќе ја споделам со јавноста“, додаде таа.

Инаку, откако објави дека ќе се кандидира како независна за градоначалничка на Центар, потоа доби покана да се јави во Обвинителството. 

фото Вангел Тануровски

Слично

Поврзани вести