Ивановска: Ќе се проверува дали административци одат на митинзи
Билјана Ивановска, претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата, во интервју за Радио Слободна Европа откри дека новина во пресрет на претседателските избори ќе биде тоа што ќе се проверуваат административните службеници дали одат на митинзи додека им тече работното време.
- Исто така, знаејќи дека се злоупотребуваат и човечките ресурси, односно вработените во јавната администрација, планираме да правиме и случајни проверки на листите за евиденција за одење и доаѓање на работа, а ќе имаме и дојави од посматрачите, и во тие што ќе бидат ризични институции ќе вршиме проверки дали некој од вработените учествувал во изборните кампањи за време на работа, рече Ивановска.
Таа во истото прашае вели дека е мошне важно да се контролира и употребата на службени возила за време на изборите за нов шеф на државата, бидејќи во сите досегашни тие беа злоупотребувани.
- Веќе преземавме една активност, испративме барање до сите јавни институции да ни достават список на нивните службени возила, по марка и по регистрација, да изготвиме една база на податоци со сите службени возила којашто ќе ја ставиме на нашата веб страница и која ќе можат да ја користат и невладините организации коишто со свои набљудувачи исто така го следат изборниот процес. Намерата е да спречиме незаконско користење на буџетски капацитети, во случајов службени возила, имајќи ги предвид информациите од претходни изборни кампањи дека во најголем број случаи се злоупотребуваат службени возила, открива првиот човек на Антикорупциска.
Вели дека по комплетирањето на сите документи се очекува да биде испратена првата пријава до јавното обвинителство, а засега сите отворени предмети распределени.
Ивановска вели дека во моментов се комплетираат елементите за отворање на еден крупен случај, но повеќе информации не сака да открива. Потсети дека, покрај актуелните, ќе се отвораат и стари случаи, но во моментов Комисијата застанува на цврсти нозе и за тоа е потребно време.
