Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ивановска ја повика Димитровска да си поднесе оставка како претседателка на ДКСК

Ивановска ја повика Димитровска да си поднесе оставка како претседателка на ДКСК

Првата антикорупционерка Татјана Димитровска останува недостапна за прашањата на медиумите дали ќе си поднесе оставка на чело на Државната комисија за спречување на корупција по сомнежот за нејзина вмешаност во случајот „Адитив“.

Нејзината претходничка Билјана Ивановска, претседателка на минатиот состав, вели дека сè додека не се расчисти дали таа е навистина инволвирана или не, би било непримерно да продолжи да ја врши функцијата претседателка на ДКСК.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) мора најитно да си поднесе оставка, затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата. Треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти, порача Ивановска, денеска, пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борба со корупцијата.

Ивановска вели несомнено е нанесен тежок удар врз општеството, граѓаните и институцијата, нагласувајќи дека не е момент да се седи со скрстени раце. Според Ивановска, на потег сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.

– Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроценка на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат и така натаму, рече Ивановска. 

Од ДКСК вчера преку соопштение посочија дека ќе продолжат да функционираат согласно Закон, но и дека како институција остануваат транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи, изразувајќи притоа подготвеност да ја поддржат истрагата и да ги обезбедат сите информации што ќе бидат потребни за расчистување на случајот.


Слично

Поврзани вести