Иванов ќе ги користи доживотните привилегии
Претседателот на Македонија во заминување Ѓорѓе Иванов се распрашувал за своите доживотни привилегии во Службата за општи и заеднички работи, што инаку му следуваат по закон и може да ги активира веднаш доколку не се врати активно да ја обавува својата професија пред неговото стапување на функцијата шеф на државата.
Тоа значи дека Иванов нема да се враќа како професор на Правниот факултет при УКИМ по завршувањето на неговиот мандат на 12 мај.
Неговиот кабинет во владината служба официјално поднел барање колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата.
„Кабинетот на Иванов до СОЗР доставил прашање која е висината на определниот буџет и дали може да ги започнат подготовките за селидба. Одговорот на СОЗР е дека висината е 8% од годишниот буџет предвиден за институцијата Претседател на Република Северна Македонија и дека во рамките на тој буџет треба да поднесат до СОЗР и барање за канцелариски простор. Барањето до денеска, 1 мај 2019 година, се уште не е поднесено”, одговорија од Владата за СДК.
