Иванов тврди дека Алтхаузер ширела лажни вести и дека тоа ниво е навреда
Шефот на државата, Ѓорге Иванов ја обвини германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер дека ширела лажни вести и дека нивото на германската амбасадорка е „навреда за земјата“.
Во интервју за ТВ Нова тој зборуваше и за улогата на меѓународниот фактор во земјава во изминатиот период, а обвинувањето за амбасадорката е реакција на соопштението од германското Министерство за надворешни работи во кое властите во Берлин го поздравија доделувањето на мандатот за состав на нова влада, но и порачаа дека тоа требало одамна да се случи.
„Треба да не загрижи квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија. Амбасадорот на германското министерство се служеше со лажни вести, па Меркел мораше да се извинува за неточни информации кои ги добивала од нивната амбасада. Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја. Недозволиво е на лажни информации од германската амбасада да темелат соопштение од германска амбасада. Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на Уставот?“- вели Иванов.
Македонскиот претседател рече дека пријателските земји доаѓале со желба да се надмине кризата, советувале и упатувале како да се постапи.
