Економија, финансии, бизнис

Контакт

Иванов со интервју за ХТВ: Решение е можно само преку здрав разум и дијалог!

Иванов со интервју за ХТВ: Решение е можно само преку здрав разум и дијалог!

Претседателот Ѓорге Иванов во интервју за „1 на 1“ на хрватската национална телевизија, ХТВ вели дека решение на кризата во која се наоѓа Македонија е можно само преку здрав разум и дијалог.

Иванов уште еднаш го повторува ставот дека платформата е Тиранска и дека има за цел да го промени уставното уредување на Македонија. 

Тој е убеден дека Македонија од мултиетничко општество и унитарна држава да постане биетничка.

Во однос на платформата од Тирана, Иванов вели дека нејзината намера е албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот и да се промени уставниот амандман кој произлегува од Охридскиот рамковен договор, согласно кој, заедниците во Македонија своите права ги добиваат врз основа на нивната застапеност од 20 насто во државата.

-Значи интенцијата на платформата од Тирана е тие 20 проценти да се променат, албанскиот јазик да биде ист со македонскиот. И со тоа се ускратуваат стекнатите права што ги има во Македонија.  Бидејќи, Турците имаат општина каде службен јазик е турскиот јазик. Училиштата се на турски јазик. Ние имаме ромска општина, каде што ромскиот јазик е службен јазик, службениот весник е на ромски, школите се на ромски јазик, исто така и Србите имаат општина на српски јазик. Така што, со платформата од Тирана тие права би припаднале само на една заедница. Само Албанците би имале права, вели Иванов.

Запрашан како ги коментира заговорите за конфедерација на Македонија, Иванов одговара дека тоа е она што ги предизвика илјадници граѓани повеќе од месец дена да се на улиците.

-Со таа тиранска платформа, Македонија престанува да постои таква како што ја знаеме. Затоа што со таа биетничност и бијазичност што се промовираат, ние имаме два сегменти во Македонија кои се и етнички и религиозно и јазично различни. Се јавува длабок расцеп. Тогаш, граѓаните со сигурност се сомневаат во намерите на тие што ја подготвувале таа платформа. Целта не е да се обедини Македонија, туку Македонија да биде преодна фаза во создавање, можеби ќе кажам потежок збор, на трета албанска држава, изјави македонскиот претседател во интервјуто за ХТВ.

На прашањето како и дали ЕУ може да помогне во решавањето на политичката криза во Македонија, Иванов вели  дека на министерскиот совет е отворено прашањето за платформата од Тирана, но тоа јавно не се соопштува.

-Не можат јавно да ја осудат, затоа што би настанале и проблеми за главниот актер, односно за Еди Рама. Во Албанија би било проблем кога тој би се повлекол од таа платформа. Така што состојбата е сега многу покомплексна отколку што беше претходно, изјави Претседателот.

За тоа како гледа излез од политичката криза и дали нови избори би претставувале решение, македонскиот претседател вели дека состојбата на некој начин сега е блокирана, но и дека влијанието на надворешните актери е премногу силно.

Затоа треба здрав разум, да се седне и да се разговара. Затоа што секогаш се можни решенија, вели Иванов и додава дека тој како претседател досега учествувал во изнаоѓањето на две такви решенија, посочувајќи ги лидерските средби и им порача на парламентарните партии дека мора да најдат начин прво да изберат претседател на Собранието за да се отстрани правната пречка за определување на мандат.

Слично

Поврзани вести